Франција до втората титула на СП во Русија

Фудбалските селекции на Франција и Хрватска во неделата на московски „Лужники“ го одиграа еден од најинтересните финални натпревари во историјата на светските првенства во коешто „Триколорите“ победија со 4:2 и дојдоа до втората титула во историјата.

Ова финале го одбележаа првиот автогол во историјата на финалните средби, чиј стрелец хрватскиот центар Марио Манџукиќ стана воедно и единствениот играч досега кој во финале стрелал и во противничката мрежа. Првпат, исто така, беше досуден казнен удар со користење на ВАР технологијата.

Со шесте погодоци ова беше најефикасно по она од 1958 година кога Бразил во Стокхолм ја совлада Шведска со 5:2. Мечот во второто полувреме беше накусо прекинат кога тројца навивачи преоблечени како службени лица во униформи влетаа во теренот но брзо беа совладани и изнесени од тревникот.

Франција поведе во 18 минута со автоголот на Марио Манџукиќ, по еден сомнително досуден слободен удар, а на 1:1 израмни Иван Перишиќ во 28 минута. Новото водство за Франција го донесе Антоан Гризман во 38 минута од пенал кој беше досуден по прегледување на ВАР снимката. Во второто полувреме кога Хрватите тргнаа порешително по израмнувањето, се создаде простор за убиствените противнапади со кои „Галските петли“ преку Пол Погба во 59 и Килиоан Мбапе во 65 минута стасаа до недостижните 4:1. Конечните 4:2 ги постави Манџукиќ во 69 минута кој реагираше на несфатливиот обид на голманот Љорис да дрибла пред својот петерец.

Второто место за Хрватска е најголемиот успех, откако во Франција во 1998 година во полуфиналето беше совладана токму од Франција со 2:1 а потоа го освои третото место. За Франција точно по три децении ова е втора титула откако како домаќин со 3:0 го совлада Бразил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.