Франција ќе лансира сателити за надгледување во обид да засилат одбранбени капацитети

Франција планира да лансира мини сателити за набљудување за да ја зајакне заштитата и одбраната на француските сателити од 2023 година, соопшти министерката за одбрана најавувајќи интензивирање во трката за милитаризација на вселената, јави дописникот на МИА.

Министерката за одбрана, Флоренс Парли, рече дека Франција не е вовлечена во трка за вооружување и дека формирањето на новата француска „вселенска команда” најавена од претседателот е клучна за стратегијата за зајакнување на одбранбените капацитети, наместо офанзива.

-Ако сакаме да бидеме во можност да спроведеме вистински воени операции во вселената, тогаш треба да ја развиеме способноста да дејствуваме сами, рече Парли, во говор во воздухопловната база Лион-Мон Вердун.

Таа најави за таква цел инвестирање 700 милиони евра до 2025 година покрај веќе планираните 3,6 милијарди евра за „целосна обнова на францускиот сателитски капацитет“.Парли најави промена на Законот за вселенски операции од 2008 година, со цел Министерството за одбрана да ја преземе контролата врз француските вселенски активности, сега под надзор на ЦНЕС (Националниот центар за вселенски студии).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.