Франција нема да удоволи на желбата на Трамп да ги прифати европските џихадисти

Франција засега нема да го исполни барањето на американскиот претседател Доналд Трамп до европските сојузници да ги прифатат назад исламистичките борци од Сирија, туку тоа ќе го прави од случај до случај, соопшти во понеделникот министерката за правда Никол Белубе.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика во неделата сојузниците во Европа да преземат стотици свои државјани кои се заробени во Сирија како борци на ултрарадикалната исламистичка организација Исламска држава. Последното упориште на џихадистите во сириската покраина Идлиб е пред конечен пад, и Трамп во саботата побара од Франција, Велика Британија, европските земји со најголем број борци во џихадистичките редови, да преземат повеќе од 800 заробени борци и да им судат.

Тремп претходно најави повлекување на околу 2.500 американски војници од Сирија по поразот на Исламската држава, што предизвика вознемиреноста во западноевропските престолнини дека џихадистите од нивните земји би можеле да се растурат по светот и да се обидат да се вратат во своите татковини во Европа. Радикализираните и обучени борци ќе претставуваат закана за нациналната безбедност, сметаат во Еропа.

„Со американското повлекување се создава нов геополитички контекст. Засега не ја менуваме нашата политика. Во овој момент Франција нема да ги исполни барањата“, рече министерката за правда Никол Белубе за France 2.

Политиката на француските власти е категоричното одбивање на враќање на џихадистите и нивните семејства од боиштата на Блискиот исток. Министерот за надворешни работи Жан-Ив Ледријан ги опишува како „непријатели“ на нацијата кои би требало да бидат изведени пред судовите во Сирија и во Ирак.

Курдските сили во Сирија во заробеништво држат околу 150 француски државјани, меѓу кои 50 се возрасни. Германија, исто така, студено одговори на барањето на Трамп.