Франција отвори истрага за исчезнувањето на шефот на Интерпол

Француската полиција отвори истрага за исчезнувањето на директорот на Интерпол, откако неговата супруга пријавила дека изгубила секаков контакт со него откако отпатувал во родната Кина минатата седмица, јавува француското радио Europe 1.

Сопругата на директорот на Интерпол, Менг Хонгвеj, ја контактирала полицијата во францускиот град Лион, каде што е седиштето на оваа меѓународна оганизација на криминалистичката полиција, бидејќи нејзиниот сопруг не ѝ се јавувал откако отпатувал во Кина, на 29-ти септември, соопштиле полициски извори. Портпаролката на Интерпол не била достапна за коментар.

Менг претходно извршуваше неколку високи должности во Кина, меѓу кои и онаа на заменик министер за јавна безбедност, а потоа и заменик-шеф на Државната океанска администрација на Кина. За челник на Интерпол беше именуван во 2016 година. Групите за човекови права во тоа време изразија загриженост дека Пекинг би можел да ја искористи позицијата на Менг во ова тело за прогон на дисидентите во странство.

Кина со години се обидува да добие помош од други земји за апсења и депортации на кинески граѓани кои се обвинети за кривични дела, вклучително и корупција и тероризам.