Франција се соочува со поголема епидемијата од грип од очекуваната

епидемија

Соочувајќи се со феноменот на „рана” и „интензивна” епидемија, министерката за здравство ги повика сите јавни и приватни болници да ги преразгледаат операциите и пружањето болничка медицинска нега за да се ослободат кревети за заболените од грип, од кој годинава најпогодени се лицата на возраст од над 65 години, јави дописникот на МИА од Париз.

Загриженоста на француските здравствени власти е фактот што епидемијата оди по нагорна линија и се уште не е забележан нејзиниот врв.

До денеска се забележани 398 консултации на 100.000 граѓани поради синдром на грип. Тоа претставува 13 отсто од консултациите на СОС Доктори и збирно, нешто помалку од 6.000 поминување преку ургентните служби на болниците, од кои во 1.035 случаи имало хоспитализација. До денеска беа пријавени 381 сериозни случаи за кои е потребна интензивна нега во болница.

Сепак, врз основа на владините агенции, сезона на грипот 2016-2017 изгледа деликатна со враќањето на вирусот од тип А (Х3Н2), близок до вирусот кој пред две години предизвика зголемена смртност со околу 18.000 луѓе. Но за разлика од зимата 2014/2015, вакцината оваа година е многу подобро прилагодена на вирусот.

Почетокот на епидемијата беше одбележан со смртта на 13 лица, сите во ист пензионерски дом во Лион. Бројот на пријавените жаришта на грип на постари лица во домови е зголемен во последните две недели, во споредба со претходните недели, информира надзорниот орган, со што се потврдува потребата од особено внимание во овие пензионерски домови.

Региони Оверњ-Рона-Алпи и Ил де Франс (парискиот регион) во моментов се најмногу погодени.