Франциск: Богатите не може да имаат приоритет за вакцината, на сиромашните им е потребна помош

Папата Франциск денеска предупреди на можност богатите луѓе да имаат приоритет за добивање вакцина против коронавирусот и истакна дека на сиромашните им е потребна помош, пренесува српски „Данас“.

„Пандемијата е криза. Не излегувате од неа исти, или сте подобри или полоши. Ние мора да излеземе подобри од пандемијата на коронавирусот“, порача тој.

По пандемијата, како што додаде Папата, светот не може да се врати во нормала, ако нормалата значи социјална неправда и влошување на животната средина.

„Колку би било тажно ако приоритет за вакцината им се даде на најбогатите“, рече тој, додавајќи дека би било скандалозно ако целата економска помош, воглавно јавните фондови, се користат за закрепнување на индустријата која не им помага на сиромашните или на животната средина.

Тој рече дека пандемијата „ја изложила состојбата на сиромашните и големата нееднаквост која владее во светот“, велејќи дека вирусот „иако не прави исклучоци меѓу народот“, ја влошил големата нееднаквост и дискриминацијата.

За време на пандемијата, многу сиромашни луѓе кои често имаат работни места кои не им дозволуваат да работат од дома, се наоѓаат во ситуација кога се помалку во можност да се заштитат од можна зараза, а пристапот до најдобрата здравствена заштита им е оневозможен на сиромашните во многу делови на светот.

Папата додаде дека одговорот на пандемијата мора да биде двонасочен. Од една страна, „неопходно е да се пронајде лек за толку мал, но ужасен вирус кој го фрли на колена целиот свет“, а од друга страна, „мораме да го третираме големиот вирус на социјална неправда, нееднакви можности, маргиналзацијата и недостатокот на заштита на најслабите“, порача тој.