Француска и германска фирма во трка за изградба на новиот Клинички центар

Две компании се во втората фаза од процесот за избор на фирмата, што ќе го гради новиот Клинички центар во Скопје – Vamed и француската Bouygues construction, изјави министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Фактор.

– Процедурата е во фаза на конкурентен дијалог. Има три фази, фазата на евалуација заврши, останаа две компании германската Vamed и француската Bouygues construction, коишто сега влегуваат во фаза на дијалог – рече Филипче, кој појасни дека дијалогот сѐ уште не е почнат, бидејќи сѐ уште трае рокот за жалби од претходната фаза.

Тој вели дека засега нема жалби и за време на дијалогот се оди кон финалниот драфт на договорот кој ќе се тендерира.

– Значи преку дијалог со дискусија и разговор за она што ние го бараме од физибилити студијата од тие искусни компании, ние го дизајнираме тој договор кој ќе биде предмет на тендерирање. И тоа е третата фаза. Согласно сегашната динамика и динамиката на Министерство за финансии со преговорите со финансиерите мислам дека имаме шанси да завршиме оваа година или на почетокот на следната – нагласи Филипче.

Изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во Општина Ѓорче Петров треба да заврши за седум години. Целиот проект ќе чини 500 милиони евра, што ќе се обезбедат со кредит од комерцијалните банки „Ерсте груп“, „Рајфајзен банк“ и „Уникредит“, кои доставиле најдобра понуда.

Изградбата ќе се одвива во три фази. Се планира најпрво да се префрлат хируршките клиники, операциските сали и Ургентниот центар, а потоа и клиниките за гинекологија, за педијатрија и за онкологија.