Француската академија одобри употреба на женските форми на титулите и звањата

Француската академија (Academie Francaise), престижната и влијателна француска научна институција за јазик и француска книжевност, седмицава одобри користење на формите од женски род кога станува збор за титули, звања и називи на занимањата.

Иако во некои случаи имало јазични бариери, Академијата смета дека „начелно нема пречки за формирање женска форма на родот кога станува збор за називите на занимањата или титулите“.

Во францускиот јазик сите именки се од машки или женски род, а титулите, звањата и професиите се најчесто на машки род. Многу феминистки сметаат дека женската форма би требало да се користи кога се однесува на жена, дури и доколку традиционално и историски не постои.

На пример, доколку должноста на префектот, лице на чело на еден од 101-те франциски департмани ја извршува маж, Французите ќе го нарекуваат „мсје ле префе“ (Monsieur le Prefet), но доколку истата функција ја извршува жена ќе ја ословуваат со „мадам ла префет“ (Madame La Prefete).

Ваквата практика последните години е сѐ пораширена, иако Академијата забележува дека уште во средниот век биле користени женските варијанти, најчесто од француските зборови од машки род за изразите како „изумител“, „хирург“ и „наредник“.

Меѓутоа, конзервативна јазична струја во Академијата тврдеше дека сите жени не се наклонети на измена на називите на нивните титули во нивниот женски облик. Во таквите случаи, Академијата советува да се почитуваат индивидуалните желби.

Француската академија ја сочинуваат 40 членови кои се познати по нивните конзервативни ставови. Во 2017 година го осудија сѐ почестиот облик на родово неутралното пишување во кое со помош на точка се комбинира машката и женската форма, на пример „candidat.e“ наместо самиот машкиот облик „candidat“ (кандидат). Академијата тогаш појасни дека таквите форми претставуваат „смртна опасност“ за францускиот јазик.

Academie Francaise во 19635 година ја основал кардинал Ришелје со цел да ги промовира и негува француската литература и јазикот, а тој самиот учествувал како мецена.