Француската полиција расчисти мигрантски камп во Париз

(Photo by Christophe ARCHAMBAULT / AFP)

Француската полиција започна во четвртокот со отстранување на мигрантски камп на северот од Париз, ден откако владата најави построга миграциска политика.

Автобусите од областа Порт де ла Шапел одвезоа стотици лица. Илегалните мигранти таму живееја во шатори под париската обиколница и автопатот А1.

„Нема повеќе да се толерират вакви населби крај пат, тука или каде и да е на друго место на јавните површини во Париз“, порача началникот на париската полиција, Дидие Лалмен.

По затворањето на „Џунглата“, огромниот мигрантски камп во Кале, во 2016 година, голем број мигранти се преселија во француската престолнина. Париските власти повеќепати ги острануваат шаторските населби, но по неколку месеци тие повторно се појавуваа на други места.

Францускиот премиер Едуар Филип во средата најави затворање на камповите, воведување мигрантски квоти и ограничување на здравствената грижа во случаи кои не се итни за штотуку придојдените баратели на азил, демонстрирајќи дека владата води сметка за загриженоста на гласачите во врска со имиграцијата.