Француската влада забрани TikTok и Netflix за сите службеници во јавната управа

Француската влада им забрани во петокот на сите државни службеници инсталирање и користење на апликации за забава како што се социјалната мрежа TikTok, американската стриминг платформа Netflix или играта Candy Crush.

Неименувани соработници на министерот за јавна администрација Станислас Гуерини истакнаа дека тие апликации носат „ризици во однос на кибер безбедноста и заштитата на податоците на јавните службеници и администрацијата“.

Забраната ќе важи за службените телефони на 2,5 милиони вработени во државната администрација, но не и за нивните лични уреди.

Платформата за размена на куси видео материјали TikTok е на удар на властите во неколку земји поради стравувањата дека корисничките податоци од апликацијата, во сопственост на кинеската компанија „ Byte Dance“, би можеле да завршат во рацете на властите во Пекинг, што може да ги поткопа безбедносните интереси на Западот.

Франција во однос на TikTok го следеше примерот на САД, Канада, Велика Британија или Белгија, но ја прошири забраната на сите апликации за забава, без оглед на тоа кој ги поседува.