Француски градоначалник им забрани на кучињата да лаат

Понекогаш кучињата знаат да бидат многу бучни кога лаат и да го вознемируваат мирот на оние околу нив. Француското гратче Фукјер го имаше овој проблем, но тамошниот градоначалник најде идеално решение –  им забрани на кучињата да лаат.

Градоначалникот Жан Пјер Естјен вели дека оваа забрана е изречена со цел да се намали „загадувањето со бучава“, поради тоа што кучињата во малиот град постојано лаат, а тамошните жители сметаат дека ситуацијата станува неиздржлива.

Сопствениците на кучиња во ова француско место отсега мораат да платат казна од 68 евра за „пролонгиран или повторен лаеж“ во случаи кога кучињата се оставени сами во заграден простор, пишуваат француските медиуми.

Целта не ни е да забраниме да се чуваат кучиња или да казнуваме за најмало лаење. Градот нема ништо против кучињата, но ако одлучите да ги чувате, тогаш подобро дресирајте ги, изјави Естјен за францускиот весник Le Parisien.

Кучињата кои се повеќе склони на лаење ќе мораат да бидат тргнати од улиците и да се чуваат во затворен простор, доколку нивното лаење го попречува одморот и опуштањето на некој од 1.400-те жители кои живеат во Фукјер.

Одлуката веќе наиде на негативни реакции од страна на организациите за заштита на правата на животните. „Ако кучињата имаат уста, тогаш им служи за лаење“, порачуваат од организациите, но изгледа дека одлуката останува и покрај нивното бунење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.