Француски медиуми: Проблеми за Брисел по победата на ултрадесничарската Партија на слободата во Холандија, можно е излегување од ЕУ

Победата на екстремно десничарската евроскептична Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс на изборите во Холандија предизвика политички потрес во Брисел, седум месеци пред клучните избори за ЕУ, јавија француски медиуми.

И покрај ветувањето на Вилдерс дека ќе одржи референдум за „Негзит“, проевропските партии сè уште не стравуваат дека Холандија ќе ја следи Велика Британија во напуштањето на ЕУ.

Но, неговата победа во членка на Унијата е потсетник дека се очекува популистичките партии да зајакнат на изборите за Европскиот парламент следната година.

ЕУ е во опасност од смрт од внатре и однадвор, изјави социјалистичкиот европратеник Рафаел Глуксман во интервју за мрежата Франс 2, предупредувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го слави триумфот на Вилдерс.

Можно е ПВВ да не може да состави владејачка коалиција. Плановите на Вилдерс за протерување имигранти веројатно нема да ги преживеат правните предизвици во холандските или европските судови.

Но, поддршката на Европа за Украина, големите планови за борба против климатските промени и напорите за изградба на заедничка стратешка позиција во услови на кризи како што е војната во Појасот Газа, може да бидат загрозени.

Европските избори што ќе се одржат во јуни ќе бидат нов тест за популарноста на Вилдерс. Со 17 милиони жители, Холандија е седмата најнаселена земја на ЕУ и нејзините европратеници заедно со десничарите од земји како Полска, Италија, Франција и Унгарија би можеле да формираат моќна група.

– Можеме да очекуваме барем консолидација на десничарските популисти, дури и зголемување на нивниот број на места во ЕП, наведе Натали Брак од Слободниот универзитет во Брисел.

ПВВ нема места во сегашниот состав на ЕП, но следната година би можеле, тоа е она на што се надева европската екстремна десница.

Традиционално, европското законодавство се движи напред, поддржано од широка коалиција на проевропската централнодесничарска и централно-левичарка.

Сепак, придобивките на крајната десница не се единствената грижа на европскиот центар. Изборите во Холандија беа неуспех за еден од нејзините шампиони: холандскиот социјалдемократски лидер Франс Тимерманс.

До неодамна, потпретседател на Европска комисија и архитект на планот на ЕУ да достигне нето нула емисии до 2050 година, Тимерманс се врати дома за да ја предводи лево-зелената коалиција во холандската кампања.

Сега, кога неговата коалицијата освои помалку гласови од екстремната десница, тој е во слаба позиција да преговара за учество во следната владина коалиција.

Фото:ФБ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.