Француски претприемач, еден од основачите на стартап компанија за дигитални технологии, украл 1,1 милиони евра од одмазда откако добил отказ, пишува во неделата весникот Le Parisien.
Компанијата била основана во парискиот регион во 2013 година и работела постојано зголемувајќи ја својата добивка. Сепак, меѓу нејзините први луѓе се појавиле конфликти поради разликите во стратегиите за развој на компанијата. Во таа борба еден од нејзините основачи бил отпуштен од работа. Овој експерт за електроника и дигитални технологии ја напуштил земјата, решавајќи професионалната кариера да ја продолжи во странство.
Дејствувајќи надвор од Франција, тој украл од својата поранешна компанија 182 биткоини, кои во сооднос тогаш изнесувале 1,1 милиони евра. Станува збор за третата најголема кражба на криптовалути во Франција, а нелегалната операција била извршена во периодот од декември 2018 до јануари 2019 година.
Експертот бил многу добро запознаен со перформансите на електронскиот систем на компанијата. Тој ја симнувал криптовалутата од нејзините сметки во неколку продирање во системот, секогаш во суми пониски од нивото на кое автоматски се испраќа сигнал за предупредување.
Управата на фирмата поради кражбата поднела пријава во Канцеларијата за борба против компјутерски криминал во париското обвинителсво. По неколку месеци работи, експертите успеале да утврдат во кој „електронски паричник“ на мрежата се префрлени украдените средства. Тоа им овозможило и да го идентификуваат неговиот сопственик, па така 37-годишниот маж бил уапсен на 22-ри декември годинава во департманот Калвадос, каде што за празниците се вратил од странство.
Обвинителството против него поднело обвинение за проневера на парични средства како дел од криминална група, за перење пари, за неовластен пристап во систем за автоматска обработка на податоци и криминална манипулација со податоците во него. Осомниечниот е ставен под строг судски надзор, а обвинителството на Париз деновиве поднесе жалба на оваа одлука барајќи мерка притвор.