Францускиот парламент изгласа построг миграциски закон

Францускиот парламент во средата изгласа построг миграциски закон, според којшто за странските државјани притворот пред депортирањето двојно би се продолжил од сегашните 45 на 90 дена.

За поддршка на законот во Националното собрание гласаа 100 пратеници, 25 беа против а центристичката партија на претседателот на републиката, Емануел Макрон, го искористи своето мнозинство за да ги отфрли амандманите од Сенатот во кој мнозинството го имаат конзервативците.

Европскиот суд за човекови права повторно ја критикуваше Франција дека ги држи имигрантските семејства со деца предолго во притвор или ги држи во несоодветни услови.

Според францускиот закон, малолетниците без придружба не смеат да се држат во притвор. Минатата година во притвор пред депортација се наоѓало повеќе од 300 деца, а една година претходно 179 деца.

Предлогот за продолжување на притворот го осудија активистичките групи за човекови права, но и некои влијателни членови на партијата Републиката во движење (LREM), којашто ја основа Макрон за да може да се кандидира на претседателските избори во 2017 година.