Француските социјалисти и крајните левичари заедно на парламентарните избори

(Photo by EMMANUEL DUNAND / AFP)

Француските социјалисти и крајната левичарска партија Непокорена Франција (LFI) постигнаа во средата начелен договор дека заедно ќе настапат на парламентарните избори во јуни.

Коалицискиот договор кој претходно седмицава веќе го прифатија Зелените и комунистите, значи дека француската левица ќе се обедини првпат по 20 години, но овојпат предводена од евроскептичната левичарска Непокорена Франција (LFI).

„Сакаме да имаме пратеници во мнозинството изборни окрузи за да го спречиме (францускиот претседател) Емануел Макрон да продолжи да ја спроведува својата неправедна и брутална политика…. и за да ја поразиме крајната десница“, истакнуваат социјалистите и LFI во зедничкото соопштение по повеќедневните тешки преговори.

Договорот е обликуван под водство на челникот на LFI, Жан-Лук Меланшон, кој мина многу подобро од социјалистите на првиот круг од претседателските избори на 10-ти април. Беше трет со 22 отсто од гласовите за помалку од два процентни поени од челничката на крајната десница Марин Лепен која влезе во вториот круг, додека кандидатката на Социјалистичката партија и градоначалничката на Париз, Ан Идалго, доби само 1,75 отсто од гласови.

Меланшон истапи од Социјалистичката партија во 2008 година, откако не успеа да го разводни нејзиниот проевропски став. Тоа очигледно е вметнато и во коалицискиот договор во кој некогаш силно проверопски настроени социјалистите се согласија дека „нема да го почитуваат“ или дека барем „привремено ќе отстапи“ од правилата на Европската унија во низа економски, социјални и буџетски политики.

Коалицискиот договор, кој уште мора да го одобри националниот одбор на Социјалистичката партија на состанокот во четвртокот навечер, истакнува дека двете партии сакат ЕУ повеќе да се посвети на социјалните права и заштитата на природната средина.

Политиките на новиот левичарски сојуз вклучува и планови за намалување на возраста за пензионирање од 62 на 60 години, подигнување на минималната плата и ограничување на цените на есенцијалните производи.

Претседателот Макрон во април го освои вториот мандат, но ќе му биде потребно е мнозинство во парламентот за да може да ги протурка своите либерални политики, вклучително и зголемувањето на возраста за пензионирање на 65 години. Макрон свечената обврска за вториот претседателски мандат ќе ја даде во сабота.

Социјалистичката партија досега на Франција ѝ даде два претседатела по Втората светска војна и на почетокот од втората половина од минатиот век беше еден од главните двигатели на европските интеграции.

Ветераните на социјалистите, вклучително и поранешниот челник Жан-Кристоф Камбаделис, веќе ги повикаа партиските колеги да го блокираат коалицискиот договор, сметајќи дека тоа би можело да претставува крај на проевропските сили на левата страна на политичкиот спектар.

Корин Нарасигуен, една од социјалистичките челнички, изјави дека социјалистите според договорот би имале само 70 кандидати во копнена Франција и можеби уште неколку во прекуморските териториии. Според договорот, само еден кандидат од секоја партија којашто ќе ѝ пристапи на коалицијата ќе се кандидира во секој изборен округ. Долниот дом на францускиот парламент има 577 пратеници.

Неодамнешното испитување на јавното мнение во Франција спроведено од институтот Harris Interactive покажа дека обединетата левица и сојузот на центристичките и конзерватиците кои го поддржуваат Макрон се израмнети и дека имаат 33 отсто поддршка на гласачите. Но според францускиот мнозински изборен систем кој се спроведвува во два круга, Макрон сепак би можел да добие мнозинство пратенички мандати во парламентот.