Французин почина во Барселона пешачејќи до аеродромот

Државјанин на Франција починал во болница во Барселона од срцев удар, кој најверојатно настапил како последица на неговото пешачење кон аеродромот „Ел Прат“ поради блокирање на сообраќајниците по почетокот на протестите во каталонската престолнина, пренесува весникот Diari de Tarragona.

Инцидентот се случил во понеделникот, и според весникот 62-годишниот Французин, кој имал проблеми со срцето, морал да пешачи до аеродромот со коферите в раце, за да лета дома. Според извештаите на локалните медиуми мажот минал пеш околу три километра.

Французинот успеал да стаса до еден од терминалите на аеродромот, но изгубил свест на паркиралиштето. Припадници на аеродромската служба за итни слуачи кои пристигнале на местото му кажале прва помош по што со хеликоптер бил транспортиран во една од болницата во Барселона. Мажот подоцна починал.

Како што наведува весникот, службата за спасување и операторот со сите шпански аеродроми „Aena“, тврдат дека смртта на патникот нема никаква поврзаност со блокирањето на аеродромот.

Француската амбасада во Мадрид за весникот Periodico потврдила дека мажот доживеал срцев удар.

Барселона е блокирана од масовните протести откако шпанскиот врховен суд на 14-ти октомври осуди 12 каталонски политичари и активности за учество во референдумот и прогласувањето независност на покраинта есента 2017 година.

Во средата илјадници демонстранти тргнаа по патиштата од пет каталонски градови, преминувајќи оддалеченост и од околу 100 километри, на пат кон Барселона, каде што во петок со масовен протест и генерален штрајк ќе бараат ослободување на осодените заговорници на независноста на Каталонија.

„Маршевите на слободата“, како што ги нарекоа организаторите, се одвиваат од градовите Жирона, Тарагона, Рарега, Берга и Вико. Зад нив стојат две граѓански организации ANC и Omnium Cultural, чиишто челници, Жорди Санчез и Жорди Квиксарт во понеделникот Врховниот суд во Мадрид ги осуди на по 9 години затвор поради бунт со цел да го урнат државниот поредок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.