Французинката Гулар „падна“ на сослушувањето пред комисиите на ЕП

(Photo by KENZO TRIBOUILLARD/AFP via Getty Images)

Европскиот парламент (ЕП) ја отфрли во четвртокот француската кандидатка за комесарка за внатрешниот пазар и одбранбената индустрија, Силви Гулар, по второто суслушување.

Гулар, блиска соработничка на францускиот претседател Емануел Макрон, во четвртокот мораше да се појави на дополнителното сослушување, бидејќи по првото минатата седмица европратениците не беа задоволни од нејзиното излагање. По дополнителното сослучување, членовите на двете комисии пред кој беше сослушувана – Комисијата за единствен пазар и Комисијата за индустрија – со мнозинство гласови ја отфрлија нејзината кандидатура. На тајното гласање Французинката добила само 29 гласови, а против биле 82 европратеници.

Гулар е првата кандидатка од составот на новата Европска комисија коај не го мина сослушувањето. Тројца кандидати не добија веднаш зелено светло од надлежните комисии, па мораа да одговараат на дополнтилени прашања.

Полјакот Јануш Војчејховски, номиниран за комесар за земјоделие, успешно мина по второто сослушување, додека Швеѓанката Илва Јохансон, комесарка за внатрешни работи не мораше да се појави на дополнителното сослушување, бидејќи пратениците биле задоволни со нејзините одговори кои ги дала во писмена форма.

Конечната одлука за резултатите од сослушувањата ја носи Конференцијата на претседателите, која ја сочинуваат претседателот на Европскиот парламент и шефовите на пратеничките групи, но тешко е да се очекува дека челнциите на парламентот ќе одат против одлуката донесена со толкаво мнозинство во комисиите, како во случајот на Гулар.

Одбивањето на Гулар може да доведе до доцнење во потврдувањето на новиот тим на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Пред почетокот на самите сослушувања од тимот отпаднаа Романката Рована Плумб, номинирана за комесарка за сообраќај и Унгарецот Ласло Трочањи, кандидиран за комесар за проширување. Нив ги блокираше Комисијата за правни прашања, поради сомневања за судир на интереси, така што не можеа ниту да се појават на сослушувањето.

Против Гулар се водат две истраги, една во Франција, а другата ја води Бирото на ЕУ за борба против измами (OLAF) поради сомневање дека учествувала во системот за фиктивни вработувања на членовите на нејзината партија како асистенти на пратениците во Европскиот парламент.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.