Фридом хаус: Македонија е „делумно слободна земја“, детектира широко распространета корупција и неказнивост

Со 66 поени Македонија останува „делумно слободна земја“во друштво на сите држави од Западен Балкан, оценува Фридом Хаос во извештајот „Слободата во светот 2021“. Земјава е рангирана меѓу петте држави со најголем раст на индексот, за три поени.

Напредок е констатиран во демократијата и поддршката на граѓанското општество. Иако се забележува раст на критички и независни медиуми, извештајот нотира дека новинарите работат во услови на политички притисок.

Меѓутоа, владеењето на правото се уште останува рак рана на општеството.

-Останува загриженоста за ефикасноста и независноста на судството. Во 2018 година Владата усови голем број реформи насочени кон зајакнување на судството, вклучително и зајакнување на механизмите за решавање на лошото однесување од страна на судиите. Сепак, не се спроведени сите реформи во судството, ветени од владата, се вели во извештајот.

Владата извештајот го оцени како успех и потврда за реформите.

-Во извештајот на организацијата Фридом Хаус за 2021 година генералната оценка е дека Владата на повторно избраниот премиер Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќегодишното претходно уназадување на демократијата, и дека сериозно прашање за државата е тоа што ЕУ не го одржа ветеното дека земјата ќе го започне процесот на преговори на крајот од 2020 година, велат од Владата.

И за владејачката СДСМ извештајот е потврда за „успешните политики на Владата“.

-Времето кога земјава беше препознаена како заробена и изолирана држава заврши со падот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е потврдено и од меѓунардони реномирани организации, се вели во дописот од СДСМ.

За опозицијата, Фридом хаус потврдува дека нема напредок во борбата против корупцијата, а Македонија тапка во место.

-Корупцијата останува сериозен проблем, постои широко распространета неказнивост за корумпирани владини службеници, вклучително и членови на парламентот и на судството. Наспроти фалбите за реформи, продолжуваат да се појавуваат сериозни скандали со корупција и набавки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Генералната оценка на извештајот е дека се бележи пад на демократијата во целиот свет. Соединетите Американски Држави бележат пад за дури 11 поени.