Фридрих Мерц избран за претседател на CDU

Конзервативниот политичар Фридрих Мерц во саботата со големо мнозинство гласови на партиската конвенција е избран за нов претседател на Христијанско-демократската унија (CDU).

„Длабоко сум трогнат и одушевен од овој резултат“, изјави 66-годишниот Мерц по објавувањето на резултатите од партиската конвенција која се одржуваше преку интернет поради епидемиолошката состојба во Германија.

За Мерц гласале 94,6 отсто од делегатите на конвенцијата. Со тоа е потврден претходниот избор на партиската база којашто во декември на Мерц му даде најмногу гласови во интерниот избор за нов челник на партијата.

Мерц важи за претставник на конзервативното крило на партијата и досега најавуваше дека CDU ќе ја врати на конзервативните насоки од коишто, според мислењето на многу членови, партијата скршнала поради либералниот крус кој го следеше долгогодишната партиска претседателка и германска канцеларка Ангела Меркел.

Мерц во својот говор на конвенцијата, којашто првично требаше да биде одржана во Хановер но поради епидемиолошката ситуација беше префрлена во онлајн формат, го нападна актуелниот германски канцелар Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) на кој му префрли за недостиг од волја за водење на земјата.

„Шолц премалко се труди кога станув збор за посредување меѓу САД и Русија. Претходните канцелари би покажале повеќе решителност“, рече Мерц.

Апелираше на CDU и сестринската баварска партија Христијанско-социјална унија (CSU) со којашто ја сочинуват демохристијанската Унија, како најголема опозициска група во германскиот парламент да покажат решителност.

„Она што се случуваше минатита година повеќе не смее да се повтори“, рече Мерц алудирајќи на несогласувањата меѓу партиските врвови на CDU и CSU.

Мерц веднаш откако ја доби довербата на партиската база во декември го посети претседателот на CSU, Маркус Зедер, демонстирајќи ја блискоста на двете партии.

Местото претседател на CDU остана празно откако досегашниот претседател Армин Лашет по загубените парламентарни избори во септември 2021 година, со најлош резултат во постоењето на партијата, најави повлекување од позицијата по само една година на неа.

Фридрих Мерц е така третиот претседател на CDU откако кон крајот на 2018 година се повлече тогашната канцеларка Ангела Меркел од партиското водство и прво беше избрана Анагрет Крамп-Каренбауер а по неа и Армин Лашет. Мерц и двата случаи се појавуваше како противкандид, но загуби од кандидатите кои важеа како избор на Меркел.

Мерц и Меркел никогаш не одржуваа добри односи, што кулминираше со отфрлање на повикот на вечера која Мерц им ја упати на сите поранешни претседатели на партијата. Мерц по доаѓањето на Меркел на чело на партијата дојде во судир со подоцнежната канцеларка, по што на неколку години се повлече од политиката.

Критичарите на Мерц му префрлаат за „преголема блискост“ со индустријата и фактот дека во периодот кога се повлече од политиката беше член на надзорниот одбор на американскиот финансиски фонд „Blackrock“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.