Фронтекс регрутира стотици граничари за новата униформирана служба

Фронтекс денеска соопшти дека регрутира повеќе стотици граничари за работа во првата униформирана служба на оваа европска Агенција за контрола на границите.

Во својата досегашна работа Фронтекс се потпираше на привермено распоредени агенти од 28-те земји членки на Унијата, кои, меѓудругото, учествувале во спречување на нелегалните миграции, јавуваат американските медиуми.

Портпаролката на Агенцијата со седиште во Варшава, Ева Монкур, изјави дека таквиот систем „ја достигна својата граница“ во време кога ЕУ се обидува да ги контролира границите, низ кои годишно минуваат повеќе од 500 милиони лица.

Таа наведе дека граничарите, кои ќе ги испраќаат државите членки, ќе продолжат да му помагаат на Фронтекс, но оцени дека Агенцијата ќе биде поефикасна и пофлексибилна кога ќе има свој постојан корпус.