Фудбалерите на Севилја мораа да се извинат за кршењето на корона-мерките во Шпанија

Четворица фудбалери на Севилја во друштво на партнерките се дружеа во текот на вчерашниот ден, што е спротивно на мерките за заштита од коронавирусот кои се уште се на сила во Шпанија. Евер Банега, Лук де Јонг, Мудо Васкез и Лукас Окампос со поубавите половини убаво си поминале на ручек. Преголемото друштво објави и фотографија на социјалните мрежи што предизвика бурни реакции од јавноста. Дали фудбалерите се повластени во однос на мерките што ги објави шпанската влада? Мораше да следи и јавно извинување.

„Сакам да се извинам за тоа што се случи вчера. Тоа беше семејно пријателско дружење, но дефинитивно не е во ред, со оглед на нашата бројност. Сакаме да се извиниме на нашиот клуб, на навивачите и на општеството во целина. Нема да ни се повтори. Се надеваме дека многу брзо ќе можеме повторно да играме фудбал и да ги радуваме фановите“, изјави Евер Банега.