Фуере: ЕУ не треба да ги потценува заканите од Бугарија кон Македонија

Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, во изјава за МИА вели дека заканите за блокирање на преговарачкиот процес со ЕУ од страна на Бугарија треба да ја загрижи Европската Унија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел по објавувањето на извештајот за реформскиот напредок на Македонија и другите земји од регионот, поранешниот ЕУ амбасадор се осврнува на најавите за можна блокада од Бугарија и предупредува дека тие можат да го загрозат регионот.

-Ова прашање е многу загрижувачко затоа што покажува дека некои земји членки го користат членството во ЕУ за да наметнат националистичка агенда, ова е нешто што ЕУ не смее да го потцени, ниту земјите членки ниту институциите на ЕУ, ова е многу сериозен проблем, кој сме го виделе и во минатото со Словенија и Хрватска и покажува колкава е тежината на историјата на западниот Балкан, вели Фуере.

Тој се надева дека билатералните разлики помеѓу Скопје и Софија за идентитетските прашања нема да се дозволи да го попречат процесот на интеграција наМакедонија која со години веќе чека отворање на вратите за преговори со ЕУ. За Фуере би било добро да се изјасни и специјалниот претставник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, назначен пред неколку месеци од страна на шефот на европската дипломатија Жосеп Борел, за дијалогот Белград – Приштина, но и за други регионални спорови.

-Би било добро специјалниот претставник за дијалогот Белград – Приштина и за Западен Балкан дaа се занимава со овие прашање во даден момент, инаку постои опасност да се попречи пристапниот процес и да се зголеми националистичкото чувство во време кога треба да се промовира помирување во земјата и во регионот. Јас не би ја потценувал загриженоста што ја предизвикува ова прашање, коментира Ерван Фуере во изјавата за МИА.