Функционер на СДСМ предизвика меѓудржавен скандал со Хрватска

Хрватските медиуми откриваат скандал. Откако низа Македонци кои живеат во Хрватска алармирале за потезите на функционер на македонската Влада, медиумите истражуваат:

„Во последните неколку дена нѐ контактираа неколку Македонци кои живеат во Хрватска, згрозени од антихрватската кампања која по социјалните мрежи и во медиумите ја води некој Македонец Горјан Тозија. Тој со месеци пишува по социјалните мрежи дека „Хрватска ја водат фашисти“, дека „ХДЗ е фашистичка партија“, дека „хрватската влада е фашистичка“, дека „Пленковиќ е во пакт со Орбан и заедно ја задушуваат слободата во Европа, па затоа ЕУ ги удри по носот“. Она што е неверојатно е дека оваа контроверзна активност всушност ја спроведува државен службеник на Владата на Република Северна Македонија, директор на Агенцијата за филм. А, токму Хрватска и нејзината сегашна Влада е таа која несебично помага и лобира Македонија да стане членка на ЕУ, пишува хрватскиот портал ХРсвијет.нет (Hrsvijet.net).

„Споменатиот официјален претставник на македонската влада шири антихрватска хистерија на социјалните мрежи, ги изедначува Павелиќ и Пленковиќ, пишува за ХДЗ дека е фашистичка партија, го навредува градоначалникот на Загреб, ХРТ и Република Хрватска и со тоа отворено се меша во исходот на идниот изборен процес“, пишува овој портал кој е главно ориентиран кон хрватската дијаспора.

Порталот истражувал малку за Тозија и неговото присуство во Хрватска веќе подолго време каде што бил „мрежно поврзан особено во филмските кругови со некои т.н. ‘филмски и културни фигури’, па со нив очигледно има одредени мотиви за пресметка со ХДЗ и Пленковиќ, кои отворено ги нарекува фашисти“.

Според порталот, Македонците од Хрватска се изненадени од тоа како македонската влада (по толку многу помош од хрватска страна) толерира вакво однесување на нејзин службеник. Затоа, „Горјан Тозија најверојатно ќе стане предмет на интерес не само на медиумите, туку и на државните институции. Според неофицијални информации, група Македонци кои живеат во Хрватска веќе ги известиле официјалните органи и на Македонија и на Хрватска и побарале санкции за Горјан Тозија и за оние што го штитат затоа што не сакаат тие и Македонија да бидат идентификувани со Тозија и неговите операции“.

Во написот на ХРсвијет пишува дека на овие активности на Тозија веќе реагирале хрватски претставници, вклучително и хрватската амбасада во Скопје, а овие информации дошле и до поранешниот премиер на Македонија, Зоран Заев.

„Она што го прави Тозија е невиден меѓудржавен скандал и срам за сите Македонци во Хрватска. Но, ова е особено срамно и за македонската vлада, која мора да го разреши ваквиот нелојален службеник кој ја навредува хрватската влада и нејзиниот претседател и долго време води грда антихрватска кампања“, вели еден од неговите сонародници со кои разговаравме, пренесува порталот и прашува – кои се неговите заштитници, кои се тие што го држат и покриваат Тозија и чии интереси стојат зад ова? Зошто македонската влада ова го толерира? Дали ова што го прави Тозија е политика на некои кругови во Македонија? Очекуваме одговори и промени, пишува во еден од коментарите на постовите на Тозија по социјалните мрежи.

ИЗВОР: HRsvijet

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.