Функционираат вратените ноќни линии на ЈСП Скопје

Веќе трета седмица во главниот град се ставени во функција ноќните линии на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, и тоа со 11 автобуски линии: 2, 5, 7, 22, 24, 41, 50, 57, 61, 63 и 65Б. Воведувањето на ноќни линии е почеток на промените за подобар јавен градски превоз што е дел од програмата на раководството на ЈСП и на Градот Скопје.

На овој начин за скопјани се обезбедува јавен превоз и за време на ноќните часови, што беше укинато како опција од минатото раководството на Градот пред две години.

Автобуските линии 2, 22, 24, 41, 57 и 65Б, ќе сообраќаат секој ден, а преостанатите ќе бидат во функција во деновите од викендот или комбинирано, како и за време на празниците.

Станува збор за исполнето ветување, откако два дена пред  локалните избори кои се одржаа на 17-ти октомври 2021 година, сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска која беше поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ,  во тоа време кандидат за должноста вети дека во првите 82 дена од нејзиниот мандат ќе се вратат во сообраќај редовни ноќни линии на ЈСП, особено за време на викендот.

Инаку, во минатото ЈСП повеќепати ги повлекуваше ноќните линии од сообраќај поради тоа што имаа многу слаба искористеност и носеа загуби за претпријатието. Економската неисплатливост беше посочувана како причина за нивното укинување, а низ годините тие повремено функционираа само за манифестации како Бела ноќ, кога во центарот на Скопје имаше поголема фреквенција на граѓани.