Г.г. Стефан не ја коментира средбата на претседателот Пендаровски со цариградскиот патријарх Вартоломеј

Архиепископот Охридски и Македонским г.г. Стефан, не сакаше во вторникот да ја коментира средбата меѓу претседателот Стево Пендаровски и вселенскиот патријарх Вартоломеј, што пред неколку дена се одржа во Турција. Прашан која е пораката од оваа средба, г.г. Стефан со одговор дека ова прашање треба да се упати на Претседателот.

„Најдобро него ќе го прашате не можам да пренесувам нешто што не го знам“, вели г.г. Стефан.

Посочи дека честопати има средби со претседателот Пендаровски, но по оваа средба во Турција сè уште се немаат сретнато.

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Турцијаво саботата во Истанбул се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј.

„На средбата се разговараше за состојбите во православниот свет, улогата на Вселенската патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии. Во таа насока, претседателот Пендаровски ја истакна важноста на улогата на Вселенскиот патријарх во поттикнувањето дијалог за сите отворени прашања во православниот свет“, беше соопштено од кабинетот на Пендаровски.

Како што беше информирано, на средбата се разговарала и за прашањето за решавање на статусот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и во таа прилика претседателот Пендаровски потенцирал дека Вселенскиот патријарх има особена улога во надминувањето на црковниот спор.

„Истовремено претседателот Пендароски повика на што поскоро надминување на спорот, затоа што како што посочи, раната на едно место во православниот свет боли во целиот православен свет. Истовремено на средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот поврзани со актуелните случувања во однос на интеграцијата на земјите во Европската Унија, при што Патријархот Вартоломеј нагласи дека го поддржува членството на Северна Македонија во ЕУ, кое преку исполнување на критериумите би донело подобар живот, зголемена солидарност и толеранција“, беше посочено од кабинетот на шефот на државата.