Групата седум водечки индустриски земји (Г7) во саботата вети континуирана „непоколеблива поддршка“ за Украина додека руската инвазија на земјата влегува во третата година.
Во соопштението објавено по видео конференцијата во која учествуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Г7, исто така, ја повика Москва „целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили од меѓународно признатата територија на Украина“. Потврдувајќи ја нивната посветеност на долгорочната безбедност на Украина, Г7 порача: „Ја засилуваме нашата безбедносна помош за Украина и го зголемуваме нашиот капацитет за производство и испорака за да ѝ помогнеме на оваа земја“.
„Додека Украина влегува во третата година од оваа безмилосна војна, нејзината влада и нејзиниот народ можат да сметаат на поддршката на Г7 онолку долго колку што е потребно“, порачаа челниците на Г7, меѓу кои се САД, Франција, Велика Британија, Италија, Канада, Германија и Јапонија.
Зеленски ја истакна потребата да се заштити небото на Украина и да се зајакне нејзината армија. „Сметаме на вас“, рече тој за време на видео конференција, како што е објавено на неговата веб-страница.
Италијанската премиерка Џора Мелони, чија земја во моментов претседава со Г7, беше домаќин на состанокот од Киев, каде што отпатува заедно со канадскиот премиер Џастин Трудо, белгискиот премиер Александар де Кро и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за да покаже нивната солидарност на втората годишнина од војната.
Лидерите на Г7 му оддадоа почит и на Алексеј Навални, починтиот руски опозициски блогер кого западот го произведе во политичар а кој почина минатата седмица во затвор, меѓу другото осуден и за финансиски малверзации.
„Тој го жртвуваше својот живот борејќи се против корупцијата на Кремљ и за слободни и фер избори во Русија“, се вели во соопштението. Од Г7 го повикаа Кремљ „да ги ослободи сите неправедно притворени затвореници и да го запре прогонот на политичката опозиција и систематската репресија на правата и слободите на Русите“.