Г7 за уште поголема воена и финансиска помош за Украина

Лидерите на индустриски најразвиените земји од групата Г7 ја потврдија во понеделникот на самитот во Германија својата „цврста поддршка“ на Украина и ветија воена и финансиска помош „колку и да биде потребна“.

Челниците на Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада, САД и Франција, коишто и досега на Украина и испорачуваа финансиска и воена помош во стотици милиони евра, во заедничката изјава се обврзаа дека „ќе продолжат да даваат воена, финансиска, хуманитарна и дипломатска помош“ на Киев и тоа „онолку долго колку што ќе биде потребно“.

Челниците на самитот кој трае до вторник ги потврдија своите „единство и слога“ во јакнењето на притисоците врз Русија поради војната во Украина, поради којашто, како што тврдат а не поради нивните санкции, остро пораснаа во светот цените на храната и енергенсите.

Поради тоа, Г7 оглушувајќи се на тврдењата на Русија дека не спречува никаков извоз од минираните црноморски пристаништа на Украина и порачувајќи дека Западот по истиот пат по кој го доставува оружјето може и да го помогне украинскиот извоз, ја повикаа да го овозможи извозот на украинските житарки за да се избегне „дополнително влошување на прехранбената криза“.

Од Русија, исто така, се бара „итно и безусловно да ги запре нападите врз земјоделието и сообраќајната инфраструктура и да дозволи слободно минување на земјоделските производи од украинските пристаништа на Црното Море“.

Г7, чиишто земји членки го зголемија присуството на своите трупи последните години на руските и белоурските граници, сега изразуваат „голема загриженост“ од најавите дека Русија би можела во Белорусија да размести свои проектили кои можат да носат нуклеарни боеви глави, и бара „веднаш да се пуштат Украинците кои со сила се одведени во Русија“, без да се даде доказ за ваквите тврдења.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на Twitter објави дека Г7 ќе продолжат да вршат притисок врз рускиот претседател Владимир Путин.

Претходно украинскиот претседател Владимир Зеленски на челниците на Г7 им рече дека „сега не е време за преговори со Русија“ и дека Украина ќе биде подготвена за тоа кога прво ќе ги „консолидира своите позиции, и ќе биде во посилна позиција“, според кабинетот на францускиот претседател.

Зеленски барал целосна воена помош за Украина за да би можел повторно да го воспостави територијалниот интегритет. Претходно рече дека сака војната да ја заврши „до зимата“.

Францускиот претседател Емануел Макрон „рече многу јасно дека ништо што се однесува на Украина нема да биде решавано без Украина“, и дека Киев треба да ја донесе одлуката „во кој момент ќе влезе во преговори со Русија“, додаде Елисејскиот дворец.