Габриел: Бугарија ќе направи сѐ за да не се донесе резолуција за Македонија во Сенатот на САД

Бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата Марија Габриел вчера пред пратениците во бугарското Народното собрание, прашана за предложена резолуција во американскиот Сенат, септември да се прогласи за месец на македонско-американското наследство во САД, таа рече дека МНР на Бугарија ќе направи сè тоа да не се случи.

– Бугарското МНР уште од првиот момент кога дозна за поднесената резолуција презеде активности, амбасадорот и генералниот конзул во Вашингтон веќе разговарале со тимот на сенаторот кој ја предложил резолуцијата. Процедурата во Сенатот е започната, но ќе направиме сè што е можно да не биде донесена – рече Габриел.

Во јули годинава, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во американскиот Сенат да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Во меѓувреме, гувернерката на американската сојузна држава Мичиген Гречен Витмер, веќе го прогласи септември оваа година за месец на македонско-американското наследство. Витмер вели дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци.

„Септември има значење за македонските Американци како што се наближува годишнината од Денот на независноста на Република Македонија, симболизирајќи го патот на државата кон суверенитет и нејзините трајни врски со македонско-американската заедница“, се вели во известувањето на гувернерката.

Во него се посочува дека Американците со македонско потекло придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.

Викендов, во Детроит се планирани активности и програми поврзани со македонската култура, а ќе се одржи и 49. национален црковен собир во организација на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Мичиген во 2020 година, го прогласи 8 септември за ден на македонските бизниси, а во 2021 година и Претставничкиот дом на Мичиген донесе резолуција со која го прогласи септември за месец на македонско-американско наследство.

Во оваа сојузна држава живеат околу 125 илјади Американци со македонско потекло.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.