Гацов и Петрески демантираат дека се дел од кабинетот на министерката Ангеловска

Даночниот експерт Павле Гацов и професорот Марјан Петрески ги демантираат објавите дека станале дел од кабинетот на новата министерка за финансии, Нина Ангеловска. Тие тврдат оти нивниот ангажман бил надворешно – експертски со точно определен делокург на експертиза, пишува Независен.

„Јас не сум бил дел од кабинет на ниту еден министер досега, па ниту сега сум дел од кабинет. Да ги разјасниме нештата. Ангажманот е експертски со точно определен делокруг на експертиза (независна анализа на ефектите од применетите политики од фискалната сфера…)“, пишува Гацов на својот профил на „Фејсбук“.

На сличен начин се огласи и Петрески.

„Штотуку пристигнав во САД на подолг истражувачки престој. Ме дочекаа честитки и медиумски објави дека ‘професорот Петрески стана дел од кабинетот на министерката Ангеловска’. Јас не сум бил дел од кабинет на ниту еден министер досега, па не сум ниту сега. Ангажманот е надворешно-експертски со точно определен делокруг на експертиза (независна анализа на ефектите од политиките од фискалната сфера) со времетраење до 31.12.2019. Го прифатив бидејќи почитувам кога се цени домашна експертиза, но замолувам за адекватно известување. И, секако, го задржувам правото да продолжам да ги коментирам состојбите во економијата и економските политики на независен и објективен начин“, нагласува Петрески.

Изминатиот викенд, министерската Ангеловска објави дека го формирала тимот на најблиски соработници, кој е доминантно женски. Ангеловска вели дека балансот во советниците е воспоставен со надворешните експерти од полето на даночната политика и макроекономијата.

„Верувам дека формирав професионален и енергичен тим, тим кој нема да прифаќа ‘не, тоа не може’ без пред тоа да ги проба сите начини и креативни солуции. Тим кој е подготвен да ги стави сите свои капацитети во служба на државата, да се заложи максимално за да предизвика промени и да придонесе кон градењето на силна економија, прогрес кој ќе стои на цврсти нозе, кон подобрување на ефикасноста на нашето општество, кон елиминирање на административните стеги, кон продуктивно трошење на секој денар на граѓаните, кон креирање поволна клима за бизнисите, кон квалитетни услуги и пристап за сите граѓани, кон поквалитетен живот за сите нас. Тим кој има широки интердисциплнарни познавања и меѓународно искуство и кој ќе биде посветен на постојано унапредување на фискалната транспарентност и фискалната дисциплина“, напиша Ангеловска на Фејсбук.

Кристина Попова ќе биде шефица на кабинетот на министерката, Ивана Станковиќ ќе биде посебен советник за јавен долг и финансиски систем, Олимпија Христова-Заевска ќе биде посебен советник за меѓународни финансии, ИПА и односи со ЕУ, Ана-Марија Макеска ќе биде координатор на социјални медиуми и односи со јавност.