ГАК: Од почетокот на годинава намалена смртноста кај предвреме родените новороденчиња

Намалена е стапката на смртност на предвреме родените новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје во првите десет месеци од годинава во споредба со 2017 и 2016 година, соопштија во саботата од клиниката.

Лани имало 35/36 починати новороденчиња на илјада живородени, а заклучно до 15-тиноември годинава има 25 новороденчиња на илјада живородени. Починати новороденчиња на Одделението за интезивна нега и третман во 2016 имало 24-25 отсто, во 2017- 21 отсто, а сега 16 отсто.

„Преземемени се многу мерки, имавме огромна помош од Владата, од Министерството за здравство, псотојано на клиниката беа присутни експерти од Светската здравствена организација и со општествено одговорни компании направивме многу за да ја намалиме смртноста која беше наш императив“, рече на денешната прес-конференција директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство Викторија Јовановска.

Началникот на Интензивното одделение на Клиниката за гинекологија и акушерство, Елизабета Петковска, информираше дека годишно згрижуваат на Одделението за интезивна нега и терапија од 650 до 750 предвремено родени новороденчиња. Тоа се високоризична група на нопвородени деца кои бараат одредена одредена нега и третман.

Петковска потенцираше дека намалувањето на смртноста кај предвреме родените новороденчиња е успех на самото Одделение, на новиот менаџмент, на новите вработени, на зајакнатиот тим со медицински сестри и доктори, на големото влијание на невладиниот сектор, како и на СЗО во соработка со Министерството за здравство и ресорниот министер Филипче.

На денешната прес-конференција директорката Јовановска и претседателот на граѓанската невладина организација „Лулка”, Денис ал=Кхалили потпишаа Меморандум за соработка со што им се дава поддршка на сите родители кои имаат предвреме родено дете, во текот на процесот на третман на новороденчињата и по излегувањето од болница. Соработката е со цел да се насочиме кон превенција, со едукација на трудници и со едукација на младите пред забременување.

„Лулка” заедно со персоналот на клиниката ќе работи на подобрување на комуникацијата меѓу родителите и персоналот, подобрување на негата и поддршката, едукација за доењето, подобрување на комуникацијата со семејствата кои имаат предвреме родено бебе или кои, за жал, го загубиле бебето. Семејствата кои имаат терминско или предвреме родено бебе, целата своја надеж и желба за новиот живот на своето бебе ја насочуваат кон оваа Клиника, а она што најмалку можеме да направиме е да бидеме отворени, да им дадеме поддршка и совет, и заедно да соработуваме, да бидеме партнери во грижата за нашите трудници, мајки и новороденчиња.

Министерот за здравство Венко Филипче  на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека верува во стручноста на неговите колеги, гинеколози. Смета дека има доволен број на гинеколози, но не се добро распределени.

За намалувањето на смртноста кај предвремено родените новороденчиња Филипче рече дека тоа го сториле со низа мерки уште од почетокот на годинава.

„Наша цел беше да се приближиме до европските параметри, до европските стандарди. Тоа почнавме да го правиме и сме на добар пат. Смртноста според моите последни податоци се намали за седум-осум отсто, што воопшто не е малку за така краток период од само девет месеци“, рече Филипче.

Потсети дека купиле нова опрема, соодветен број инкубатори, го надградиле системот на едукација, имало експерти од странство…

Годинава Светскиот ден на предвременото породување е под слоганот „Да соработуваме: Партнерство со семејствата при грижата за малите и болни новороденчиња.” Вечер во Театарот за деца и младинци во Скопје се поканети семејствата со предвреме родени деца со цел да се запознаат и да се дружат.

Најчести причини за предвремено породување се инфекциите кај мајките за време на бременоста, аномалии на матката, ин витро оплодувањата со повеќе плодови и се уште има нередовно контролирани трудници кои првпат доаѓаат на лекар за време на породувањето. Докторите апелираат трудниците да не пијат алкохол, да не пушат, да имаат богата исхрана, да одат редовно на контрола, да се контролираат секусално преносливите болести, да не се дозволат вагинални и уринарни инфекции, редовно да земаат терапија, да се слушаат советите на докторите и да се користат суплементи во бременоста.