ГАЛЕРИЈА| Федерер без бајковит крај на кариерата

Во својот последен натпревар во кариерата одигран ноќта кон саботата,  41-годишниот Швајцарски тенисер Роџер Федерер не успеа да оствари победа во мечот на двојки со Шпанецот Рафаел Надал, иако дојдоа до меч-топка, но на крајот славеа Американците Џек Сок и Франческо Тиафо со 4-6, 7-6 (2), 11-9 по два часа и 15 минути игра.

Федеред и Надал во првиот сет спасија „брејк-топка“ во деветтиот гем, за во десеттиот да го скротат сервисот на ривалите и да го освојат првиот сет. Сок и Тиафо во вториот сет поведоа со 3-1, но Федерер и Надал нанижаа три гема и го вратија заостанувањето. Швајцарско-шпанската двојка во три наврата беше на два поена до освојување на сетот и победа, една во десеттиот и двапати во 12-от гем, но Американците успеаја да го одведат сетот во „тај-брејк“ и во кој беа далеку подобри и славеа со 7-2.

Така, одлуката за исходот во последниот меч во кариерата на Роџер Федерер беше оставена за продолжениот „тај-брејк“ кој во Лејвер купот се игра наместо трет сет.

Во драматичниот расплет со многу одлични поени Федерер и Надал поведоа со 9-8 и имаа меч-топка со сервис на Швајцарецот. Но Сок и Тиафо нанижаа три поена и го расипаа простувањето од терените на Федерер.

„Ова беше прекрасен ден. Им реков на момците дека сум среќен, дека уживав. Мило ми е што издржав, што ништо не откажа. Беше тоа одличен меч“, изјави Федерер пред распорадената лондонска „О2 Арена“, пред да им подлегне на емоциите.

Солзите се појавија уште кога дојде да се поздрави со сите соиграчи од селекцијата на Европа, а продолжија и кога се поздравуваше со сите играчи од противничката репрезентација на Америка. Но имаше и многу расплакани лица и на теренот и на трибините.

„Добро е. Мислам дека се справувам подобро отколку што успеа во своите мисли. Барем успеав нешто да кажам“, рече Швајцарецот.

Запрашан од Џон Куриер за својот тениски пат, Федерер кусо рече: „Не требаше така да се случи. Мојот пат беше идеален. Сѐ би повторил“.

Тогаш повторно се расплака и низ солзи му се заблагодари на своето семејство на безрезервната поддршка, како и на сите присутни во салата, оставајќи многу единствени остварување во кариерата и незаборавни тениски мечеви во освојувањето на 20-те грен-слем турнири.