Гани ги обвини талибаните за убиството на 63 луѓе на свадба во Кабул

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изјави во неделата дека талибаните не можат да ја избегнат одговорноста за „варварскиот“ самоубиствен напад во текот на свадбена церемонија во главниот град Кабул во кој се убиени 63 лица и повеќе од 180 се ранети.

„Талибаните не можат да се ослободат од вината, бидејќи даваат платформа за терористите“, напиша претседателот Гани на Twitter.

Во самоубиствениот бомбашки напад изведен во саботата вечерта околу 22,40 часот (20,10 по македонско време) ија во свадбената сала ‘Шахр-е-Дубаи’ во западен Кабул, убиени се најмалку 63 и ранети се повеќе од 180 луѓе, а меѓу жртвите има многу жени и деца. Талибаните отфрлија секаква вмешаност во нападот, а досега не се огласија ниту другите радикални групации кои дејствуваат во Авганистан.

На свадбената свеченост на која имало околу 1.200 гости, претежно биле припадници на малцинската шиитска заедница во Авганистан. Заедницата на Хазара шиитите е најсиромашната етничка група во земјата, и изнесува околу 22 отсто од населението на Авганистан. Нејзините припадници често се цел на масовни киднапирања на убиства, што во минатото предизвикаа неколку големи шиитски протести во Кабул и во други градови. Кон средината на август минатата 2018 година 50 шиитски муслимани беа убиени во бомбашки напад пред образовен центар во Кабул, а само две седмици подоцна во шиитскиот кварт Дашти Барчи беа убиени уште 20 луѓе.

Самоубиствениот напад е изведен во периодот кога САД и талибаните преговараат за постигнување догоовр за повлекувањето на американските трупи од Авганистан во замена за талибанската доследност на преговорите со владата во Кабул која ја поддржува Вашингтон.

Во неделата утрото забележанио се нови жртви во Авганистан. Меѓу 10 и 12 лица загинале откако возило налетало на експлозивна напава во северната покраина Балк, соопштија властите. Инцидентот се случил во областа Давлат Абад недалеку од границата со Туркменистан.