Авганистанскиот претседател Ашраф Гани порача дека џихадистичката група Исламска држава (ИД), чија локален огранок се е во судир со безбедносните сили и со талибанците, ќе биде „погребана“ во Авганистан.
Во интервју за Би-Би-Си, Гани вели дека ИД не е авганистански „феномен“, како и дека свирепоста на нејзините припадници им е туѓо на луѓето во Авганистан.
– Тие се судрија со погрешни луѓе, кои сега се мотивирани од одмаздата, вели Гани, пренесува МИА.
Според авганистанскиот претседател, потребна е анти-ИД акција на регионален план, како и на меѓународно ниво. Тој признава дека станува збор за „значајни ризици“ и открива дека има покренато дипломатска иницијатива за обезбедување регионален консензус во борбата против ИД.
Огранокот на оваа џихадистичка група во Авганистан е создаден во јануари 2015 година, од поранешни припадници на авганистанските и пакистанските талибанци.
Американскиот Стејт департмент веќе реагираше на појавата на ИД во регионот на Средна Азија, откако минатата недела и формално ја означи авганистанката Исламска држава како терористичка група.
Ашраф Гани во интервјуто се заложи и за започнување на мировните преговори со талибанците, нагласувајќи дека доколку разговорите не почнат во април, судирот во земјата сигурно ќе се интензивира.
– Проблемот со талибанците не може да се реши со употребата на сила, само во Авганистан, вели претседателот Гани, сугерирајќи му на Пакистан да преземе мерки против тамошните талибанци, доколку тие не прифатат мировни преговори.