Џганот не’ направи трулеж, но на Хибридниот режим му доаѓа крајот

Се удавивме во криминал, корупција, непотизам, рекет, местења тендери, партиски вработувања, судско-обвинителски поткупи, фингирани прогони, дрзок и масовен грабеж на милијарди евра државни пари… Нема врста на криминал која за власта во земјава е непозната. Нема пора во општествово каде криминалот како најлош вид на канцер не е длабоко навлезен. До сржта царува.

Власта може да збори што сака, нејзините фукционери да продаваат разно разни приказни, да се појавуваат катадневно на нивните медиуми, но неможе да го убедат народот дека не живее во ужас. И тоа во секој сегмент од животот. Ужасот е насекаде, од потребата родител да згрижи дете во градинка, преку основното образование, до високото. Од потребата да се отиде на лекар, од потребата да се заштити преку судскиот систем, од потребата да добие услуга од полицијата или некоја друга државна институција. Обезбедување на било каков државен документ за обичниот граѓанин е колосален подвиг. За секаде е потребно да „имаш некој“. Ужасот е и на работните места, преточен во секојдневен мобинг и малтретирање. Ако не си со нив, тогаш си против нив.

Граѓаните на Македонија се поделени во две групи. Едните, кои се со власта, и вторите се останатите, обичните смртници. Пискотот на обичните смртници е недоволно силен и гласен за овие другите да го чујат. А, и не треба да биде чуен, тие се другите, од вториот ред, гетоизирани, маргинализирани, угнетени. Тие се противниците. Или како милуваат поданиците на власта да кажат: „Не се од нашите“.

Режим по книга, поточно и поописно Хибриден режим. Нагазени се немилосрдно и приватни компании, и медиуми, и уметници, и судии, и обвинители, и професори, и доктори, и спортисти, и возачи, и службеници, и продавачи… сите кои „не се наши“. Нема мрдање.

Ни го кажаа тоа јасно и гласно и од „Транспаренси“ и од „Економист“. Тие можат гласно да зборуваат, оти ним Хибридниот режим не им може ништо. Неможе да ги купи преку јавни огласи со државни пари. Единствено на Хибридниот режим во Македонија му останува да се спротистави со спин, извртување на вестите, и со пропагнда. И нормално активирање на нивните „експерти“ во јавноста за ублажување на ударот. А, како реално Хибридниот режим ја менаџира државава, и колку го есапат надвор од границите на Македонија, покажа ситуацијата со вакцините за Ковид-19. Се’ се виде, не треба ништо повеќе да се додаде. За нас во Македонија спасот од пандемијата се сведе на молитвите кон Бога.

„Трансапренси Интернешнал“ е меѓународна невладина организација. „Економист“ е реномиран светски магазин, кој обработува теми од економијата, испитувања на пазари и економски длабински анализи.

Кејт Мери Брнс е личност. Таа е амбасадор на САД во Македонија. Во своето последно интервју јавно вели дека државава е удавена во корупција. Дека судството ни е ужас, дека младите немаат перспектива во земјава.

Е сега, не дека „Транспаренси“, „Економист“ и амбасадорката Брнс откриле топла вода, поточно ни кажале нешто што ние граѓаните на Македонија до последен одлично го знаеме, туку суштината е во јавно испратената порака. Понатаму пораката нека си ја толкува кој како сака и му одговара. Но, искрено таа порака за македонските граѓани е искрата надеж, светлото на крајот од темниот тунел, дека на Хибридниот режим му доаѓа крајот.

Автор: Дејан Николовски