Гардијан: Босна и Херцеговина пред распад? Русите подготвуваат вето за Запад, српска војска вежба на Јахорина

Нова криза налик на воениот конфликт од 90-тите ѝ се заканува на Босна и Херцеговина, а не е исклучена ни можноста за распад, пишува Гардијан. Додека останува неизвесно дали НАТО и Еуфор трупите ќе останат во земјата, српските сепаратисти веќе прават воени вежби на Јахорина, истото место од каде што Србите го гранатираа Сараево во војната. Нивниот водач, Милорад Додик предупреди дека ќе ја реконструира војската на Република Српска и ќе ја натера армијата на БиХ да се повлече од српските територии со помош на Србија и Русија.

Руско вето за Западот во четврток

Зошто е неизвесна мисијата на Еуфор и НАТО? Токму неделава, кога нивниот мандат треба да биде продолжен во Обединетите нации(ОН), Русија бара да бидe изземен Кристијан Шмит – високиот претставник за Босна и човекот кој треба да ја надгледува ситуацијата и исполнувањето на Дејтонскиот договор. Дали Шмит заедно со неговите вработени ќе треба да заминат од земјата до јули следната година ќе одлучат гласовите од Британија, Франција, САД и Кина во безбедносниот Совет на ОН, а Кина веќе е на страната на Русија.

Американците излегоа од Авганистан, ќе излезат ли од Босна?

Ќе се исполни ли нон-пејперот за поделби на Балканот кој неодамна протече, а кој им е добро познат и на Брисел и на Вашингтон? Овојпат не е баш сигурно дека новиот американски претседател, Џо Бајден, ќе го сопре распадот на Босна – ние бевме сведоци како Американците веќе се повлекоа од Авганистан. Според самиот Кристијан Шмит, иако Французите, Британците и Американците веќе се согласиле да му ги одземат неговите титули, како што бара Русија, за да спласне драмата, ниедна западна земја не е подготвена да го засили своето присуство во Босна.

Рецептот за мир, Дејтонскиот договор, може да биде каписла за нов конфликт – или нов меѓународен договор. Но, според Алида Врачиќ од невладината „Популари“, сето оваа приказна за распад е замачкување на очите на јавноста во земјата за луѓето да се одвратат од реалните проблеми: Босна катастрофално се справува со пандемијата, во која политичарите проневерија огромни пари, а жртвите од коронавирусот се побројни од тие од војната. Заканата на Додик дека ќе ја отцепи Република Српска, не е помалку важна од фактот што Сараево, исто како и Скопје, секојдневно се гуши во смог и во сиромаштија.

Додик ќе ја принуди војската да се повлече од Република Српска?

Водачот на босанските Срби, Милорад Додик, се заканува дека ќе се повлече од институциите на државно ниво, вклучително и од националната армија изградена со меѓународна помош во изминатиот четврт век и ќе ги реконституира српските сили.

На 14 октомври, Додик рече дека ќе ја принуди босанската армија да се повлече од Република Српска (српската половина на Босна) опкружувајќи ги нејзините касарни и дека доколку Западот се обиде воено да интервенира, тој има „пријатели“ кои ветиле дека ќе ја поддржат „српската кауза“. Под „пријатели“ Додик веројатно мисли на Србија и Русија.

ФОТО: Твитер

„Отцепување без прогласување“ на Јахорина

Полицијата на босанските Срби изведе „контратерористички“ вежби минатиот месец на планината Јахорина, од каде што српските сили го бомбардираа Сараево во текот на опсадата од 1992 до 1995 година.

„Ова е еднакво на отцепување без негово прогласување“, напиша Шмит во извештајот доставен до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во петокот. Тој рече дека дејствијата на Додик „го загрозуваат не само мирот и стабилноста на земјата и регионот, туку – доколку меѓународната заедница не одговори – може да доведе до поништување на самиот (Дејтонски) договор“.

Три армии и реална шанса за поделба

Високиот претставник рече дека е можно да има судири меѓу босанските национални агенции за спроведување на законот и полицијата на босанските Срби.

– Доколку вооружените сили на БиХ (Босна и Херцеговина) се поделат на две или повеќе армии, нивото на меѓународно воено присуство би барало преоценување – предупреди Шмит.

– Недостигот од одговор на сегашната ситуација би го загрозил (Дејтонскиот договор), додека нестабилноста во БиХ би имала пошироки регионални импликации. Изгледите за понатамошна поделба и конфликт се многу реални – вели тој.

фото: Твитер/ слика од конфликтот во 90-тите

Западот тргна раце од Босна и нема да носи нови трупи

– Звучи како Американците, Британците и Французите ефективно се согласија навистина да ги одземат референците за Кристијан Шмит што беа базичен, стандарден јазик во сите претходни резолуции – рече Курт Басуенер, ко-основач и висок соработник на Советот за политика за демократизација, невладина организација од Берлин.

– Иако тоа правно не го поткопува високиот претставник (Шмит) и те како го поткопува политички – додаде Басуенер.

Дури и ако мандатот на Еуфор се обнови, во ЕУ нема апетит да се зголеми малата сила што остана во Босна. Некои земји-членки, особено Унгарија, му даваат поддршка на Додик.

– Мислам дека (Додик) е подготвен да се коцка на можноста дека, колку и да е неверојатно, тој може да се извлече со тоа што суштински ќе создаде нови факти на теренот брзо и ќе се потпре на идејата дека конфузијата и одложувањето ќе ги зафатат и Сараево и меѓународната заедница. А, на крајот нема да има значајни меѓународни последици – рече Јасмин Мујановиќ, босански политиколог.

Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар му рече на Конгресот минатата недела дека САД соработуваат со ЕУ за „да се уверат дека (ќе) има последици за какви било незаконски или какви било дестабилизирачки дејства“ во Босна. Но, не е јасно дали администрацијата на Бајден ќе поддржи враќање на мировните сили на НАТО.

Распадот на Босна, одличен начин да се дефокусираме од реалните проблеми

Алида Врачиќ, шеф на босанскиот тинк-тенк, „Популари“, рече дека постојаното и сè полошо чувство на криза им дозволува на лидерите во земјата да го прикријат својот неуспех да владеат.

– Додик стана милитаристички агресивен, но колективно политичарите се надеваат дека ќе освојат поени за оваа криза и граѓаните се единствените губитници како што се очекуваше – рече Врачиќ.

Според нејзе поделбата на Босна е одлична тема за да се дефокусира јавноста од главните економски проблеми, загадувањето и ковид-кризата:

– Оваа дискусија е корисна, бидејќи ги исфрла од колосек сите значајни дискусии, како што е фактот дека Сараево се гуши во смог, дека [регионалните влади] проневерија пари во кризата со ковид-19, дека бројот на загинати во Сараево е полош отколку за време на војната. Тоа што половина земја живее во сиромаштија, што завршивме точно нула реформи, што со месеци не се расправаше за закони во парламентот – додаде таа.