Гардијан: Како се спроведува едукација за сексуално репродуктивно здравје и права за млади со интелектуална попреченост во Македонија ( II дел)

Вчера го објавивме првиот дел од сторијата  на престижниот британски весник „Гардијан“  за проектот „Девојките одлучуваат“ во чии рамки се правеа стории во неколку земји во светот за положбата на жената на различни теми. Во Македонија се работеше за едукацијата за репродуктивно и сексуално здравје и права за млади со интелектуална попреченост. Нивниот новинар ја посети Македонија пред околу година дена, а по повод  Неделата на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попречност, кој ја организира ХЕРА. Затоа, во соработка со невладината организација ние ќе ја пренесеме нивната сторија преку приказните на вработените во центрите и лицата со интелектуална попреченост.

  „Главната цел на нашиот сервис е нивниот личен развој – да ги направиме што понезависни, а ова е дел од таа работа.“

Професионалците од ХЕРА кои работат во медицински услови исто така посетуваа обука за работа со лица со интелектуална попреченост.

Снежана Георгиева Јаневска, која работи како гинеколог Младински центар на ХЕРА-Водно, ни објасни како се справува со дополнителните предизвици во вакви случаи.

„Пристапот е таков што, најпрвин, тие ме чувствуваат како пријател” -вели таа.

„Се обидувам да им објаснам што ќе им правам во текот на прегледот и тоа чекор по чекор.  Тоа значи дека поминувам повеќе време со нив. Овој сервис, наменет за млади, е соодветен бидејќи имаме доволно време за нивните барања. Институциите во јавното здравство не можат да понудат ваква услуга бидејќи често се преплавени со пациенти“.

„Некои од младите се оттргнуваат од мене, некои ги затвораат нозете, а некои пак плачат.  Некогаш се згрчени,  а некогаш пак сакаат да видат што навистина се случува.  Треба многу трпение, еден ваков преглед може да трае и 20 до 30 минути, наспроти 5 минути.”

Во Гостивар, исто така ХЕРА соработува со Центар за лица со попреченост којшто е во државна сопственост.   Во текот на едукативната сесија што се спроведува таму, корисничките се потпираат на масата за да ги погледнат скиците на човековото тело истакнувајќи ги промените што се случуваат во развојот на момчињата и девојките. Ги изговараат имињата на различните човекови органи, а учителот ги охрабрува да ги користат соодветните зборови за пенис и вагина.

Потоа вежбаат како се користат санитарни влошки. Една од девојките зема влошка, а во меѓувреме групата гледа со внимание како девојката внимателно го отвора пакетот и го одвиткува.

„Ова не е срамно“-учителката  ја потсетува групата-  „Сите го прават ова.”

Специјалниот едукатор во центарот, Жаклина Степаноска, се сеќава колку била загрижена во почетокот дали родителите ќе ја прифатат идејата за оваа програма. Во овој случај и покрај стравувањата, реакцијата на родителите била мошне попозитивна отколку што таа очекувала.

„Имаше родители кои се расплакаа кога им кажав за ова” -вели таа. „Кога ги прашав зошто се расплакаа,  ми кажаа дека мислеле дека нивните деца, кои се постари од 20 години , никогаш немало да се заљубат или пак да имаат партнери.  Длабоко ги допре и изненади дека некој размислувал дека нивните деца треба да добијат ваква едукација и дека можеби треба да имаат љубовна врска“.

Оваа програма помогна многу за да се измени однесувањето во центарот. „На пролет и во лето кога сме често во градината, порано девојките полудуваа кога ќе поминеше некое момче зашто сакаат момчиња”- вели Жаклина. „Ќе му довикува или ќе му пристапеа, иако не го познава.  Затоа сакаме да им објасниме дека можат да им кажат „здраво“ на луѓе што веќе ги познаваат, но не и на непознати, освен ако не им дозволиме“.

„Исто така имавме голем проблем со мастурбација на момчињата.  Откако им одржавме час што е тоа јавно и приватно место, веќе немаме ваков проблем. Кога некој од вработените ќе види дека некој корисник почнува да мастурбира, им велиме да одат во тоалет или пак ги носат во приватна просторија. Не им велат „престани“ бидејќи ако ги сопреш можат да станат агресивни. Претходно не знаевме како да се справиме со ова. Сега им велиме дека не е соодветно тоа да се прави на јавно место. Сега момчињата скоро никогаш не се обидуваат да го прават тоа на јавно место“.

„Имавме проблеми, исто така, со девојките кои не знаеја како да си стават санитарни влошки.  Родителите ќе им ставеа влошка од дома, а девојката ќе заборави да ја смени. Сега самите си носат влошки и знаат како да ги менуваат“.

„Младите се многу заинтересирани за програмата.  Тоа е новина за нив. Најмногу се интересираат за фактот што можат да се осамостојат надвор од центарот, што може да излегуваат сами, што можат да бидат со некој, со момче или девојка и што тоа им е дозволено. Ова им е важно бидејќи нивните родители обично ги караат ако зборуваат за вакви работи“.

„Се забележуваат промени во начинот на нивното однесување.  Веќе не зборуваат со непознати. Ги знаат вистинските зборови за човековите органи и веќе не им е срам да ги изговорат на глас. На почетокот кога одржувавме индивидуални часови девојките почнуваа да плачат и да велат „ова е срамота“. Не сакаа да ги изговорат зборовите. Сега слободно зборуваат за такви нешта. Сега сме поблиски со нив. Ќе дојдат да ми кажат дека се вљубиле во некого. Ќе се насмеат, ќе се задеваат во врска со тоа. Сега се порелаксирани од порано“.

„Имаме двајца корисници кои што се однесуваат како момче и девојка во центаров.  Живеат далеку еден од друг, но кога се тука гледаат филмови заедно, танцуваат и се бакнуваат.  Не можеме да ги одделиме! Позитивна работа е, посреќни се.”

Владо Крстовски, кој е координатор на програмата за сексуалност во ПОРАКА, вели дека сѐ уште многу нешта треба да се сработат на сите полиња со цел да им се подобри животот на луѓето со ИП во Македонија. Меѓутоа, тој верува дека соработката со ХЕРА била значителен чекор напред во полето на сексуалноста“.

„Прашањата поврзани со попреченоста сѐ уште не се дел од законите, политиките и институционалната поставеност на оваа земја. Еднаквоста на луѓето со ИП не се наоѓа на врвот на политичката агенда”- вели тој.  „Уште повеќе треба да се зборува и да се работи на секое поле со цел да се елиминираат предрасудите“.

„Сиромаштијата е исто така голем проблем за семејствата.  Ако имаш дете со интелектуална попреченост, тогаш еден од родителите мора да седи дома за да се грижи за него зашто немаме градинки за вакви деца. Семејствата трпат и финансиски товар“.

„Недостасуваат различни услуги: немаме центар за престој, социјални клубови, слободни спортски или активности за одмор.  Затоа повеќето луѓе престојуваат дома со своите семејства и не се видливи во самото општество.  Затоа предрасудите сѐ уште остануваат на високо ниво. Обичен човек не може толку лесно да дојде во контакт со вакви луѓе со цел да осознае дека тие не се агресивни, ниту пак болни или пак дека нема да го повредат“.

„Дури и кај професионалците што работат во овој сектор постојат предрасуди.  Кога вршевме обука, една од нив јавно кажа дека не се согласува дека обуката за сексуалност има некаква врска со неа бидејќи нејзините корисници не се сексуални битија“.

„Ние сме истрајни во нашата работа со цел да ги унапредиме и да ги развиеме човековите права за ЛИП, воопшто, а сексуалноста е едно од човековите права.  Нашата работа ги промени корисниците на многу позитивен начин. Главната цел на нашиот сервис е нивниот личен развој – да ги направиме посамостојни, а ова е само дел од тоа“.

“Еден ден ќе бидат сами, без своите родители и тогаш ќе мораат да го разберат светот во кој живееме.  Ќе мора да знаат кој им е пријател, што е пријателство, што е интимна врска, што е секс, како да се практикува безбеден секс. Што е соодветно, а што не е, што е јавен, а што приватен простор. Ова сето е дел од нивната самостојност“.

„Направивме одличен почеток заедно со ХЕРА.  Тие имаат своја стручност во врска со прашања поврзани со сексуалноста, а пак ние стручност за работа со луѓе со ИП. Ги здруживме силите и затоа овој проект е толку добар.  Најголемиот успех е тоа што го отворивме ова прашање.”