Африм Гаши, Изет Меџити и Биљал Касами вечерва во Тетово потпишаа заедничка декларација на коалицијата Европски сојуз за промени за заеднички настап на претстојните парламентарни и претседателски избори.
Како лидери на нивните партии Алтернатива, Демократско Движење и Движење Беса, тие се обврзаа на заедничко опозициско настапување во албанскиот политички блок со фокус кон зачленување на државата во Европската унија.
Пред потпишувањето, тројцата партиски лидери се обратија пред присутните партиски членови и симпатизери кои присуствуваа на настанот во една од спортските сали во Тетово.
Претседателот на Демократско Движење Изет Меџити ја истакна потребата за мобилизација за промени.
-Ова е движење за тие што мислат поинаку од криминалот на партијата на власт. Доста беше молчење, тишина, апатија и едноумие. Времето за промени се приближува. Ги повикувам сите да се приклучат, тие што можат да го променат мислењето можат се да променат, промената доаѓа, порача Изет Меџити.