Гаши на средба со амбасадорката на САД ја претставил иницијативата на Алтернатива за уставен амандман

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во четвртокот имал средба со амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, на којашто ѝ ја претставил иницијативата за поднесување уставен амандман за спречување на неказнивност на политичка корупција.

Како што објави Гаши на својот профил на Facebook, оваа иницијатива „треба да го надмине етничкиот дискурс и да се фокусира на владеењето на правото како приоритет за целото општество“.

„Побарав поддршка од САД за овој амандман, бидејќи тоа е еден од најголемите чекори предложени досега, директно насочени кон борба против политичката корупција“, наведува Гаши.

Посочува дека со амбасадорката Агелер се согласиле дека ја споделуваат „истата визија“ за иднината на земјата.

„Ја реафирмиравме заедничката заложба земјата да оди напред кон ЕУ и европските стандарди во општеството, како што е владеењето на правото. Разговаравме за плановите за забрзување на интеграцијата во ЕУ, вклучително и опциите за деблокирање на преговорите со ЕУ, преку уставните измени. Исто така, се согласивме дека сите политички фактори треба да го поддржат патот кон ЕУ и да ги стават граѓаните на прво место, во обид да обезбедат подобра иднина за сите“, објави Гаши.