Гаши од Алтернатива за Мерко: „Замрзнување на членството“ е пепел врз очите на јавноста

Лидерот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши за „Дојче Веле“ го претстави својот став откако ДУИ побара „институциите веднаш да започнат сеопфатна истрага за Рамиз Мерко, за сите тврдења од одлуката на Стејт департментот”.

„Треба да објасниме што се подразбира под поимот „сеопфатна истрага од институциите“. Да имавме ние достојни институции за истрага, не ќе требаше Соединетите Американски Држави да ни покажат кој е корумпиран и кој влијае врз правосудството. Ние знаеме дека кај нас институциите, особено од областа на правото, се заробени токму од ДУИ, за што ние постојано сме повикувале и посочувале, а сме имале забелешки и од американската амбасадорка во Скопје. Затоа кај нас поимот „сеопфатна истрага од институциите“ е еуфемизам за одолговлекување, судски лавиринти, застарување на дела, саботажа на судски процеси и т.н. За жал, Северна Македонија стана заробена држава на бизнис-кланот на тесното раководството на ДУИ, на кои им успеа да имаат голема сила над институциите, а како што се информираме последните денови, семејствата на Ахмети и Груби влегуваат сега во скапи бизниси на стотици милиони евра, кои сигурно не се постигнати со просечна државна плата“ вели Гаши за „ДВ“.

За одлуката на Мерко за замрзнување на неговото членство во раководните органи на партијата, Гаши вели:

„Замрзнување на членството“ или „прекин на изборниот процес во огранокот на Струга“, е пепел врз очите на јавноста, купување на време, ублажување на угледот на партијата и барање начин на извлекување од калта на американската „црна листа“. Северна Македонија е ДУИ-зирана, особено правосудниот систем. Албанците имаат една поговорка што гласи вака: „За селото што се гледа, не треба докази“. Ако некој уште не ја здогледал оваа ДУИ-зација на државата, тогаш проблемот не е веќе во „селото“, туку во „очите“. Токму ваквите примери, кои ние сме ги воочиле од поодамна, иако секогаш одговорот бил „да им веруваме на институциите“, беше причина ние да предложиме уставен амандман за борба против корупцијата, со тоа што ќе имаме уставно санкционирање на предметите од политичка корупција, така што тие никогаш не ќе може да застарат, како што се случи со предметот за Сашо Мијалков. Ама, како што јавноста знае, ни СДСМ ни ДУИ дури не се произнесоа, а камоли да го прифатат. А како ние можеме да тврдиме дека тежнееме кон ЕУ, ако имаме држава со ваков степен на корупција и интерференција на политиката во правосудството, кое ни го обелоденуваат нашите сојузници, а нашата власт тоа го прекрива и покрива, дури се преправа дека не знаела?!“.

На прашање дали по санкцијата од САД за Мерко, дали ДУИ на локален план ја губи довербата и во нејзиниот преостанат бастион Струга, откако ја изгуби во Тетово, Гостивар, Гаши вели:

„ДУИ од поодамна ја има изгубено довербата кај албанските гласачи. Земете ги бројките на парламентарните избори од 2016-та и 2020-та година и споредете ги со опозициските гласови. Тие се апсолутни губитници, кои сепак успеваат да се пробиваат на сметка на поделената албанска опозиција, која никако да смогне сили да ги обедини тие гласови и која сега се гледа дека се залага за таа цел. И на локален план вашата констатација е точна. Таа партија е веќе кула од карти, која секој ден пропаѓа. Да беа помудри, ќе ги прифатија поранешните порази, ќе одеа во опозиција, ќе се освежеа и можеби ќе се вратеа со нови сили. Но, тие настојуваа да останат на власт по секоја цена, за на крај да мора да ја платат цената на внатрешно уривање и како што се одвиваат работите – можат да завршат и понижени“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.