Гатузо: Ако зависеше од мене, јас ќе го затворев Игуаин дома

Времето на аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин во Милан истекува, призна тренерот на „росонерите“ Џенаро Гатузо по тешката победа со 2:0 над Сампдорија во 1/8-финалето на Купот на Италија.
Младиот стратег практично призна дека Аргентинецот го напушта „Сан Сиро“ во насока Челзи, каде е посакуван од менаџерот Маурицио Сари.

– Кога некој играч ќе избере, тешко е да биде убеден да размисли повторно. Разговарав со него, но не можам да му давам совети, бидејќи тој е свесен дека кариерата на еден играч трае 13-14 години. Најважно е дека зборуваме како мажи очи во очи. Не верувам дека Игуаин е несреќен во Милано. Ќе видиме што ќе се случи. Ако зависеше од мене, јас би го затворил дома, изјави Гатузо, кој се надева дека Аргентинецот ќе биде подготвен на 100 проценти за натпреварот за Суперкупот на Италија против Јувентус во среда и дури потоа ќе ја објави одлуката.

Игуаин игра во Милано како изнајмен од Јувентус и евентуален негов трансфер треба да биде договорен со раководството на „Старата Дама“, бидејќи во Торино не би сакале да изгубат пари од евентуалната зделка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.