Поранешната репрезентативка и една од најдобрите дами во историјата на македонската кошарка, Моника Гавриловска, ќе биде нов генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), дознава “Спортмедиа“.
Официјалниот изборот на новиот прв оперативец ќе се случи задутре, на состанок на Управниот одбор на МКФ, на кој не би требало да има некакво изненадување околу именувањето на наследникот на Дејан Јовановски иако такво нешто секогаш е можно. Во Куќата на кошарката веќе извесно време нема генерален секретар, по неочекуваното заминување на поранешниот репрезентативец од оваа позиција по нецел месец работа на оваа функција. Претходно, долги години оваа работа беше извешувана од Дејан Лекиќ, кој, пак, дојде по Ѓорѓе Војновиќ. Меѓу поранешните први оперативци има имиња и како Благоја Георгиевски-Буштур и Димитар Маневски.
Изборот на Гавриловска се наметна како логично решение за претседателот на МКФ, Петар Наумоски, со оглед на тоа што таа е во неговиот тим уште од првиот ден по неговиот избор. Досега некогашната репрезентативка беше во улога на “девојка за сѐ”, но од задутре ќе има строго определа функција од исклучително значење. Првиот оперативец всушност е и втор човек по хиеархија во федерациите, што значи дека популарната Мони ќе се соочи со огромен предизвик, кој, сепак, одговара на нејзините спортски и човечки квалитети, барем така велат тие што добро ја познаваат.
Гавриловска има играно за скопски Вигор (сега Бадел 1862), Вардар, Лисици, Кимико како и за грчките МЕНТ, Аполон, Олимпијакос Волу и Мегас Александрос, унгарски ЗТЕ, германски Хале, белградска Црвена Звезда, а кариерата ја заврши во 2012 година со освојување на двојната круна со кипарски АЕЛ.
Според сите параметри, таа е рамо до рамо со легендарната Стојна Вангеловска на листата на најдобри македонски кошаркарки на сите времиња.