Викендов екипите на ЕВН Македонија при вршење на редовни активности забележале самоволно поставен оптички кабел на 10 kV-ен далекувод на извод 3 од трафо станица Мирковци ( 35/10 kV) во близина на село Побожје кон село Љубанци.
Кабелот во должина од 2,5 километри го посатавил кабелскиот оператор „Рико Кабел Сат“, без одобрение од ЕВН и без предходна заштита на мрежата, вработените и околината. Со тоа овој кабелски оператор освен што узурпирал сопственост на ЕВН Македонија, тој ги довел во опасност и животите на неговите вработени кој го поставувале кабелот бидејќи далекуводот бил под напон.
Само голема среќа ги спасила работниците да не направат куса врска бидејќи со голи раце ги допирале жиците додека го монтирале кабелот. Од ваквото самоволие на кабелскиот оператор биле доведени во опасност животите и на случајните минувачи, како и нормалното функционирање на електронергетските објекти на ЕВН Македонија и безбедното снабдување со електрична енергија на повеќе населени места во овој регион.
За случајот било известено и Министерството за внатрешни работи, чија екипа изврши увид на местото, а од безбедносни причини, веднаш по увидот на МВР, оптичкиот кабел е демонтиран од страна на екипи на ЕВН Македонија, по претходно исклучување на средно напонскиот извод.
Ова не е прв случај мрежата на ЕВН да биде узурпирана или оштетена. Во некои од предходните случаи страдала мрежата и наслението кое се снабдува со електрична енергија но за жал имало и повредени и жртви. Затоа ЕВН апелира на сериозна превенција и санкционирање на ваквиот крајно несериозен однос и крајно опасен пристап од фирми и поединци кои сакаат да се здобијат со имотна или друга корист. ЕВН апелира и до сите граѓани да не извршуваат билко какви работи околу или на енергетските објекти и за се што сметаат дека треба да се санира да ги повикаат екипите на ЕВН Македонија.