Газдата на Феникс за инцидентот со Никола Јокиќ

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ постави апсолутен рекорд за Денвер Нагетс со своите 53 постигнати поени на еден плејоф натпревар, но тоа беше премала утеха за Србинот кој доста тешко се помири со поразот.

Феникс Санс израмни на 2:2 во оваа возбудлива серија и сега истата повторно се враќа во Денвер, но засега непознато е дали на петтиот меч ќе го гледаме најдобриот играч на Нагетси.

Јокиќ имаше една незгода со газдата на Феникс и го оттурна Мет Ишби во една мешаница надвор од рамките на теренот, па сега дисциплинците ќе треба да донесат одлука дали Србинот ќе заработи суспензија и ќе го пропушти следниот меч.

Ова би бил голем удар за Денвер и за нивните надежи да остварат победа во оваа серија, но ако ништо друго, добро е да се види дека газдата на „сонцата“ испадна голем џентлмен.

Ишби се огласи на социјалните мрежи и побара од дисциплинците да не го казнуваат Јокиќ, бидејќи како што вели самиот, го става инцидентот настрана и продолжува да го цени Никола како и претходно.

– Голема победа на Санси во неверојатната серија! Тоа треба да биде единствената приказна. Суспендирањето на било кој поради синоќешниот инцидент не би било исправно. Многу го почитувам Јокиќ и не сакам да видам такво нешто. Возбуден сум за петтиот меч, напред Санси, – порача Мет Ишби.