Газдите на Интер му се налутија на Конте

Антонио Конте по поразот на Интер на гостувањето кај Борусија Дортмунд од 3-2 во Лигата на шампионите „распука“ по челниците на клубот.

„Нераѕурите“ прокоцкаа водство од 2-0 по првото полувреме, а тоа не беше прв пат фудбалерите на овој тим да загубат со пресврт. Според тренерот на Интер, виновни за ова се челниците на клубот. Тој по дуелот со Дортмунд ја искритикува трансфер-политиката на клубот, планирањето на подготовките и многу други детали.

„Освен Диего Годин, ние немаме ниту еден друг фудбалер што има нешто освоено во кариерата. Имаме нови играчи од Калјари, од Сасуоло…“, рече Конте.

Тренерот смета дека Интер нема доволен број на искусни играчи за да биде конкурентен во Серија А, но и во Лигата на шампионите, а го искритикува клубот дека од него бара секогаш да се смее кога дава изјави.

Ваквиот испад на Конте не мина добро кај челниците на „нераѕурите“, кои биле екстремно лути, објавуваат медиумите на Апенините. Ова може да биде кобно по иднината на Конте во клубот и да создаде напната атмосфера, која потоа може да се пренесе и во соблекувалната.