Газпром: Гасот би можел да стасува во Европа преку преостанатиот цевковод на Северен тек 2

Гасот престана да истекува од трите оштетувања на цевководите на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 по експлозиите во Балтичкото Море, а би можел повторно да биде испорачуван во Германија и во Европа преку преостанатиот цевковод на Северен тек 2, соопшти во понеделникот руски „Газпром“.

Притисокот во третите цевки на гасоводот е стабилизиран и намален е ризикот за природната средина, се наведува во објавата на рускиот гасен гигант. Гасот, сепак, би можел да биде испорачуван во Европа, додаваат од „Газпром“.

На почетокот од минатата седмица остро падна притисокот во двата цевковода од Северен тек 1 и во едниот на Северен тек 2. Утврдено беше дека поради оштетувања истекува гасот во Балтичкото Море.

Германија, Шведска и Данска отворија истрага, сомневајќи во саботажа. Москва го нарече инцидентот „чин на меѓународен тероризам“, а рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „се чини дека на Англосаксонците не им се доволни санкциите (воведени против Русија поради војната во Украина)“, па започнале со уништување на европската енергетска инфраструктура.

„Доколку биде донесена одлука за почеток на испораките преку линијата Б на Северен тек 2, природниот гас ќе биде вмпуман во гасоводот откако надзорните тела ќе го проверат и верификуваат интегритетот на системот“, порачуваат од „Газпром“.

Северен тек 1 беше во употреба до крајот на август, кога Русија ги запре испораките поради дефект на единствената преостаната компресорска турбина за гасните станици на гасоводот и бараше санација од германски „Siemens Energy“ кој е задолжен за тоа според договорот. Другите пет турбини, поради западните санкциите против Русија поради војната во Украина, германскиот концерн сѐ уште не може да му ги испорача на „Газпром“.

Северен тек 2 требаше да ги удвои испораките на рускиот гас во Германија, на вкупно 110 милијарди кубни метри гас годишно. Руски „Газпром“, германските „Wintershall Dea“ и „Uniper“, австриски ОMV, француски „Engie“ и британски „Shell“ го потпишаа договорот за градење уште кон средината на 2015 година. „Газпром“ е сопственик на 51 отсто од уделите во проектот.

Тоа го предизвика стравот на Украина дека ќе губи милијарди евра годишни од транзитот на рускиот гас преку нејзината територија, а покрај тоа Полска и другите земји стравуваа дека Германија поскапо ќе им го продава гасот. Вашингтон предупредуваше дека преку него Русија ќе го користи за политичко влијание во Европа, но Берлин тогаш рече дека САД сакаат да го промовираат на континентот својот поскап течен гас од шкрилци.

Откако гасоводот беше довршен, Германија го суспендираше издавањето дозвола по доаѓањето во Вашингтон на власт на претседателот Џо Бајден, и бараше конзорциумот со седиште во Швајцарија да биде префрлено во Германија што беше и сторено. Годинава Берлин го суспендираше ставањето во функција, поради у=војната во Украина. Во меѓувреме „Газпром’ ја продаде сопственоста над филијалата „Gazprom Germania“којашто управува со важно складиште за гас, а се занимава и со трговија. Германија ја национализираше со образложени дека сака да го осигури снабдувањето со гас.