Газпром: Ниедна турбина за Северен тек 1 во моментов не се ремонтира во Канада

Ниту една од турбините на германски „Siemens Energy“ за компресорската станица „Портоваја“ од гасоводот Северен тек 1 во моментов не се наоѓа на ремонт во Канада, објави во четвртокот „Газпром“ негирајќи ги претходни такви тврдења од Отава.

„Во моментов ниедна од турбините за компресорската станица ‘Портоваја’ не се наоѓа на ремонт во Канада“, соопшти на својот канал на Telegram рускиот гасен гигант.

Претходно во средата канадската јавна телевизија CBC емитуваше прилог во кој беше наведено дека шест турбини за гасоводот Северен тек 1, преку кој рускиот гас се испорачува во Германија и Европа, се наоѓаат на ремонт во погоните на „Siemens Energy“ крај Монтреал. Исто така, во материјалот беше наведено и дека уште во јули канадските власти издале дозвола за враќање на една турбина во Германија за нејзин натамошен транспорт во Русија.

Според германскиот канцелар Олаф Шолц, Берлин продолжува да работи со Отава за враќање на преостанатите турбини, а канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли во прилогот на CBC изјави дека е донесена одлука петте турбини да ѝ бидат предадени на Германија.

Гасоводот Северен тек 1 во моментов е единствената рута за испорака на рускиот гас во Европа. Поради проблемите со враќањето на турбината за што долго разговараа Берлин и Отава, како и поради редовното годишно одржување на инфраструктурата, делумно предизвикани од санкциите, „Газпром“ соопшти дека е принуден да го намали пумпањето на гас во цевководот, првично на 40 а потаи и на 20 отсто од капацитетот.

На 25-ти јули руската државна компанија објави дека добила документи од „Siemens“ од властите на Канада, каде што била ремонтирана турбината, но дека останува прашањето со санкциите од ЕУ и Велика Британија. Тоа прашање, велат во „Газпром“ е важно и за враќањето во Русија на поправената турбина за Северен тек 1, и за итниот ремонт на други две турбини.

Гасоводот Северен тек 1 од јуни работи со ограничувања поради техничко одржување на опремата, како што тврди „Газпром“, од крајот на јули само со 20 отсто од вкупниот капацитет. Линијата ја напојува само еден од агрегат од 52 мегавати, а во редовен режим работат пет гасни турбини а уште еден е во резерва. Покрај тоа, гасоводот е опремен и со ткн „топла резерва“, односно две турбини со моќност од по 27 мегавати.

Руската страна инсистира дека проблемите се поради западните санкции, а во Германија сметаат дека станува збор за одмазда на Москва поради казнените мерки воведени поради војната во Украина. Амбасадата на Руската Федерација во Берлин минатата седмица соопшти дека трансферот на турбината во Германија не ги исполните условите на договорот и оти на „Газпром“ му е потребна потврда дека турбините нема да бидат предмет на санкциите на Европската унија и Велика Британија и според договорот ќе бидат испорачани директно во Русија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.