„Газпром“ соопшти за неможноста да се поправат турбините за Северен тек 1

Германскиот концерн „Siemens“ е вклучен во поправките на агрегатите на гасоводот Северен тек 1, единствениот во моментов функционален систем кој ги испорачува рускиот гас во Европа, ги детектира дефектите и е подготвен да ги отстрани но нема каде да ги ремонтира, објавија во саботата од рускиот гасен гигант „Газпром“.

„Согласно тековниот договор, компанијата „Siemens“ учествува во активностите на ремонтот, ги открива дефектите, потпишува акт за откривање на истекување на масла и е подготвена да ги поправи. Само нема каде да ги ремонтира“, објавија од „Газпром“ на Telegram каналот.

Претходно во петокот 2-ри септември од „Газпром“ објави дека во текот на одржувањето на единствената гасна единица (компресорска станица) „Портоваја“ 0 Trent 60 на Северен тек која е функционална во моментов, откриени се истекувања на масло, за чиешто санирање биле принудени целосно да го сопрат протекувањето на гасот преку цевководот и подолго од претходно најавените три ден .

Според информациите од „Siemens Energy“, компанијата не го разгледува заклучокот на „Газпром’ како техничка причина за запирање на гасоводот. Според германската компанија, целосното елиминирање на истекувањето на маслото од моторите е можно само од страна на специјализирана компанија за таков ремонт.

Претходно челникот на „Газпром“, Алексеј Милер, изјави дека „Siemens“ во моментов практично нема можност редовно да ги сервисира единиците на Северен тек 1, едноставно затоа што нема каде тоа да го прави.

„Западните земји веќе воведоа толку многу санкции, што и самите се заплеткаа во нив и паднаа во сопствената замка со санкции“, истакна првиот човек на „Газпром“.

 

„Газпром“ целосно ги прекина испораките на гасот преку Северен тек 1 од ноќта на 31-ви август до ноќта на 3-ти септември. Суспендирањето на работата на гасоводот во руската компанија го образложија за „неопходното одржување на единствената компресорска турбина која остана во функција“, чиешто сервисирање според договорот „Siemens“ мора да ги извршува на секои 1.000 работни часови. По завршувањето на работите и доколку бидат отстранети техничките недостатоци на опремата, транспортот на гасот требаше да се врати на нивото од 33 милиони кубни метри дневно.

Од 27-ми јули гасоводот работи со само 20 отсто од својот максимален капацитет, што во „Газпром’ го поврзуваат со проблемите поврзани со извршувањето на договорените обврски од страна на „Siemens“ и влијанието на западните санкции. Една од турбините, произведена во Канада од тамошната филијала „Siemens Energy“ бише испратена на ремонт во погоните крај Монтреал. Поради антируските санкции Отава првично одби да ја врати поправената опрема во Германија, но по реакцијата на Берлин се согласи сепак да ја врати. Меѓутоа, оваа една од шесте други турбини кои треба да бидат ремонтирани, сѐ уште е заглавена во Германија, бидејќи „Газпром“ не ја поседува целосната документација која го овозможува транспортот и ремонтот на опремата за Северен тек. Останатите турбини се неактивни и очекуваат сервисирање од стручњаците на „Siemens“.

 

Во Европската унија стравуваат дека Русија би можела да го продолжи овој период поради санкциите без преседан наметнати поради војната во Украина и сметат дека наводно рускиот претседател Владимир Путин ја користи енергијата како оружје.

Натамошните ограничувања во снабдувањето со гас во Европа, кои се надоврзуваат на ланскиот скок на цените на гасот по воведувањето на новите прописи за набавки, би ја зголемило кризата поради која големопродажните цени на гасот веќе скокнаа за 400 отсто во однос на ланскиот август. Тоа ја создава кризата на животните трошоци за потрошувачите и отежнувајќи го работењето на компаниите, како и принудувајќи ги владите да трошат милијарди евра за намалување на товарот.

„Газпром“, кој веќе го намали снабдувањето преку Северен тек 1 на 40 отсто од капацитетот во јуни и на 20 отсто во јули, запирањето на испораките ги објаснува со редовните најавени работи на одржувањето на мрежата, како и санкциите кои го спречуваат враќањето на опремата од гасоводот испратена на ремонт. Така, тридневното запирање на испораките, според руската страна, е неопходен за одржување на единствената преостаната компресорска станица, додека другите пет сѐ уште се во Канада.