ГДУ бараат затворање на најголемиот загадувач на воздухот во Кочани

Заштита на здравјето на жителите на Кочани и затворање на најголемиот загадувач на животната средина, фабриката за хартија по завршувањето на Парламентарните изборите, бара претседателот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) Петар Колев. На денешната прес – конференција, што се одржа пред капијата на кочанската фабрика Пејпер Мил, која е дел од Унитрејд Кластер, Колев потенцираше дека и жителите повеќепати во изминатиот период ги повикуваат институциите да ги заштитат од опасноста што се наметнува врз нивното здравје.

„Ги повикувам надлежните институции, Јавното обвинителство, Министерството за животна средина и Канцеларијата на Европската Комисија во Скопје веднаш по завршувањето на изборите да преземат активности за заштита на здравјето на жителите и на животната средина во Кочани. Апел упатуваме и до менаџментот на компанијата итно да ја смени технологијата и горивата што ја загадуваат средината. А, кога граѓаните ни дадат доверба да ги претставуваме во Собранието на Македонија, нашите пратеници веќе на првите собраниски седници ќе ја отворат темата за затворање на фабриката за  ‘Пејпер Мил’, која неколку години наназад е најголемиот загадувач во Кочани“, изјави Колев.

Од ГДУ објаснуваат дека инспекторатите се запознаени со проблематичните емисии на јаглерод моноксид во воздухот во Кочани, кои се закана по здравјето на луѓето и во цела источна Македонија. Официјално фабриката поседува А – интегрирана еколошка дозвола. Државниот инспекторат за животна средина лани во ноември издаде и забрана за работење на „Пејпер Мил“ заради континуираното надминување на граничните вредности за дозволени емисии на загадувачки супстанци во отпадните гасови што излегувале од котларницата на оваа компанија.  Пред повеќе од еден месец ГДУ официјално реагираше до надлежните институции, како и до самата компанија да го запрат производството до отстранување на проблемот со загадувањето.

„Ние ќе очекуваме силна поддршка во нашите активности од сите надлежните институции, како и оние кои ги повикуваме да не го игнорираат проблемот со фабриката. Особено од Јавното обвинителство кое треба да побара кривична одговорност од одговорните во ‘Пејпер Мил’ за загрозување на човековото здравје, затоа што личниот интерес за профит не смее да се најде пред општиот интерес на граѓаните“, дополни Колев.

Фабричкиот оџак во текот на годината испушта густ и темен дим и минатава зима го искачи Кочани на третото место на листата на најзагадени градови.

ГДУ се залага по примерот на Словенија, и Македонија да ги прогласи за национално богатство природните води, шумите и почвата и нивното загадување да подложи на ригорозни казнени санкции. Примена на т.н. „зелена транзиција“ и формирање на фонд за поддршка на транзицијата. Сопствениците на индивидуални и колективни станбени објекти да имаат целосно право да располагаат со енергија добиена од соларни панели според принципот – колку добил, толку користел.