ГДУ: Да ги вратиме младите во Македонија, потребна е поддршка и од неопределените гласачи

Со личен пример, повторно, сакаме да потсетиме дека Македонија може да ги врати младите дома, иако сметаме дека вистинскиот предизвик е потоа да ги задржиме тука, вели претседателот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) Петар Колев, кој и самиот е млад претприемач кој се одлучи да се врати во Македонија за да живее, откако повеќе години работел и живеел во други европски земји.

ГДУ во партиската структура, освен pретседателот Колев има и уште неколку други членови кои работеле и живееле во европски држави и изминатите години се вратиле дома, покрај другото и со мисија да направат промена на нефункционалниот систем кој беше создаван изминативе 30 години во Македонија.

„Предвидливоста на условите за бизнис во европските држави дава ветар во грбот на секој школуван ентузијаст, затоа и иселениците се снаоѓаат во странство и за вработување, па и за развивање на сопствен бизнис. Но таа бизнис предвидливост ја нема во Македонија. Покрај бирократските и административни обврски што еден бизнис треба да ги исполни, има и неофицијални условувања – како што се партиски книшки и слично кои ја убиваат желбата за бизнис во Македонија, а и желбата за вработување кај младите. Потребни се коренити системски промени, како и реформи во образованието, здравството, економските услови за да младите останат дома. Зашто младите знаат како да заработуваат, имаат знаење, ама им недостигаат фер услови за бизнис, како и вработување на способните, наместо на подобните“, вели Колев.

Системските промени се најтешки за реализација бидејќи Македонија веќе 30-тина години е заложник на три големи политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои покажаа склоност за манипулирање со системот за лично да се одржат на власт, како и да ја искористат таа власт првенствено за лични бенефиции.

„Промените во Македонија се неопходни и единствено можни ако граѓаните, особено оние кои се неопределени гласачи и кои вообичаено ги игнорираат изборите од разни причини, следната недела во среда се одлучат да ја искористат својата моќ да ги размрдаат големите партии. Исто како што и пред речиси четири години одлучија да се вклучат на Парламентарните избори и да донесат голема промена. Но, за жал видовме дека иако имаше некое поместување и промена, дека сепак тоа не беше доволно за коренити системски промени што силно сите ги посакуваме. На овие избори, потегот е повторно нивен. ГДУ смета дека овие избори се вистинскиот момент на политичката сцена да се наметне третата партија,  избор кој ќе им ги нарушува плановите и пазарите на големите играчи. ГДУ верува дека институциите треба да бидат водени од професионалци. Најважните одлуки и развојни планови за државата да ги носат експерти во своите области, а за некои области како судството, знаеме дека треба да побараме експертска помош од странство, зошто тука корупцијата го достигнува својот зенит. Приклучете се во нашата мисија – овие ставови и вредности да ги однесеме во парламентот и оттаму да продолжиме да бидеме погласни и институционално влијателни“, дообјаснува Колев.

Според ГДУ најважна работа на светот за секој потенцијален гласач е неговото семејство, односно децата и нивната иднина. А, за да го ресетираат нефункционалниот систем, треба да изберат политичари кои ќе овозможат да се изградат институции кои во центарот ќе го стават граѓанинот и неговите права, а не политичкиот естаблишмент.