ГДУ: Ковид 19 го вклучи алармот за реформа на здравството

Итни инвестиции во здравствениот сектор и мотивација за младите доктори и специјализанти да останат да работат во Македонија предлага Граѓанско Демократската Унија (ГДУ). Пандемијата на Ковид 19 ги изнесе на виделина најголемите недостатоци на македонското здравство – недоволно легла, лоши услови во болниците, недоволен број на обучени доктори, мал број соодветно обучени медицински сестри. Во болниците во внатрешноста силно е изразен и недостатокот на обука за работа во услови на пандемија, иако постои желба да помогнат. Медиумите пренесувааbт изјави од здравствени работници и сестрите кои се жалат дека се истоштени и нема кој да ги замени.

„Алармот за брзи промени во здравството е вклучен. Доволно школуваме доктори за европските болници. Без млади и обучени доктори и специјализанти што ќе работат во Македонија залудно ќе инвестираме во болници и клинички центри. Партизацијата во здравствениот сектор мора да запре и надлежното Министерство да најде начин да ги мотивира младите да останат во Македонија. Ова се нашите херои, мора системот да најде средства и знаење како да им помогне“, вели претседателот на Граѓанско Демократската Унија Петар Колев.

ГДУ посочува дека се потребни итни промени и во работењето на Фондот за здравствено осигурување за да се подигне квалитетот на здравствена заштита што ја добиваат осигурениците.

„Нашиот предлог пред новиот состав на Собранието ќе биде воспоставување систем во кој Фондот за здравствено осигурување ќе се постави како сервис на осигурениците и пациентите, преку воспоставување надзор врз неговото работење од страна на соодветни органи. Ќе предложиме и воспоставување систем со „Задолжителен пакет“ и „Дополнителен пакет“ за осигурениците. Со првиот пакет секој ќе добие здравствена заштита а вториот пакет се предвидува да биде незадолжителен и за него ќе доплаќаат само оние кои сакаат и дополнителни здравствени услуги. Услугите од двата пакета на пациентот да му бидат достапни и во јавните и во приватните здравствени институции според системот на референтни цени за здравствените услуги“, вели Колев.

ГДУ како неодложни инвестиции за следните четири години ги наведува вложувањата во регионалните болници во Велес, Штип, Струмица, Битола и Прилеп за да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги.

„Сметаме дека локалните власти мора да почнат да функционираат локално и да преземат одговорност за здравствената политика на своето подрачје, како и да се најде начин во соработка со Министерството за здравство да се насочат младите студенти да се обучуваат за лекари по општа пракса. Регионалните болници треба да ја исполнат својата функција и секој посериозен случај да не се транспортира во Скопје“, вели Колев.

Преземањето на итни мерки во здравствениот сектор нема да бидат доволни да се избегне евентуалниот крах поради се големиот број хоспитализирани поради Ковид 19, но може да му овозможат на македонското здравство полесно да се снаоѓа во идни слични ситуации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.